Фото: Игор Бансколиев

Сите земји што пробале да го менуваат работното време имаат катастрофални резултати и го враќаат старото работно време, така што и за нас, особено во оваа фаза, кога во одредени сектори има недостиг од работна сила, би бил скап непотребен луксуз и катастрофална грешка, велат експертите откога во рамките на новата владина економска програма, меѓу другото, беше најавена и таква можност

Концептот на флексибилно работно време за петок и можност за намалување на бројот на работни часови во текот на неделата за обезбедување поголем баланс помеѓу професионалниот и семејниот живот е една од заложбите во новата владина економска програма, иако светските искуства покажуваат дека токму скратеното работно време ја изложува државата на многу поголем трошок.
Имено, Шведска пред неколку години иницира проект во чии рамки две години некои вработени работеа со скратено работно време и земаа иста плата како и претходно. Проектот се однесуваше на медицинскиот персонал, а истражувањето потврди дека оние медицински сестри што работеа со скратено работно време беа попродуктивни, трошеа помалку време на боледување и организираа дури 85 отсто повеќе активности на работа. Згора на тоа, со скратеното работно време се овозможи и креирање нови работни места, но трошоците ги надминуваа придобивките од пократката работна недела за глобалната економија, поточно сето тоа ја чинеше државата премногу пари.

– Има искуства, некои се експериментални, некои со закон. На пример во Франција, социјалистичката влада на Франсоа Оланд го намали работното време и тоа се покажа како катастрофална грешка. Сега актуелниот француски претседател Емануел Макрон полека го враќа старото работно време – објаснува универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии Трајко Славески.
Според него, ефектот од скратеното работно време е никаков.
– Сите земји што пробале имаат катастрофални резултати и го враќаат старото работно време, така што и за нас, особено во оваа фаза, кога во одредени сектори има недостиг од работна сила, би бил скап непотребен луксуз и катастрофална грешка – вели Славески.
Во моментот слична дебата за воведување скратено работно време се отвора и во Финска, а и други земји размислуваат за ваков потег во време кога корона-кризата во добар дел го промени концептот на работење.

Промената на работното време се заснова на хипотеза дека може да се зголеми продуктивноста.
Во некои земји работната недела трае четири дена, но сепак има 40 часа, поточно се работи четири дена по 10 часа.
Истражувањата покажуваат дека зголемениот број работни часови во текот на денот создава поголем замор и стрес, доведува и до почести грешки и повреди, а паѓа и продуктивноста.
Покрај тоа, оние што секојдневно работат по десет часа имаат двојно поголем ризик од депресија и срцеви заболувања.
Триесет и петчасовната работна недела во Франција е контроверзна од нејзиното воведување. И малите и големите компании постојано се жалеа дека конкурентноста е намалена и дека дополнителните трошоци се бројат во милијарди.