Инвеститорите покажуваат заинтересираност за македонските државни обврзници откако се заокружи процесот на ратификација на договорот од Преспа во двата парламента. Грција, пак, поради истата причина првпат ќе продава обврзници по завршувањето на меѓународната програма за финансиска помош. Овие два елемента покажуваат дека на двете држави им се праќаат сигнали дека со скорашниот развој на настаните, тие ќе ги почувствуваат ефектите од ратификацијата на Преспанскиот договор.

Имено, светските специјализирани медиуми забележуваат дека македонските владини обврзници достигнаа највисоко ниво во последните неколку месеци, со пораст од 3,5 центи во цената во последните десет дена.

– Македонија е кредит што се движи во вистинската насока. По спогодбата, можеме да го видиме приклучувањето на државата во НАТО, а набргу ќе биде и кандидат за ЕУ – вели Марк Даудинг, виш портфолио-менаџер во фондот вреден 59 милијарди долари, „Блубеј асет менаџмент“.

Грција, пак, планира да ја почне продажбата на петгодишни обврзници во вредност од две милијарди евра, откако назначи банки за изведување на зделката. Продажбата на обврзниците ќе ѝ овозможи на Грција земање нови заеми, за откуп на долговите кон ММФ, како и за создавање фонд за покривање на долговите.