Од почетокот на пандемијата, угостителско-туристичкиот сектор го напуштиле помеѓу 4.000 и 20.000 вработени, а според процените од Стопанската комора, за обновување на кадарот ќе бидат потребни околу три години

ЗАРАДИ УБЛАЖУВАЊЕ НА ОДЛИВОТ НА РАБОТНИЦИ

Стопанската комора почнува со организирање брзи обуки за слаткари, готвачи, пекари и келнери, во рамките на проектот „Образование за вработување“. Обуките се за преквалификација или доквалификација, ќе вклучуваат од 50 до 100 лица (една обука), а целта е да им се помогне на заинтересираните угостителско-туристички претпријатија од земјава да го задржат бројот на вработени, како и да обезбедат дополнителни кадри, пред почетокот на туристичката сезона.
– Од почетокот на ковид-кризата, како и во првите месеци од годинава, угостителско-туристичкиот сектор изгуби од 50 до 80 проценти од бројот на вработените, најмногу од хотелските објекти во градските средини. Поради неработење на капацитетите, вработените заминаа во други сектори, а посебно во градовите, каде што хотелскиот туризам беше речиси целосно замрен, така што од почетокот на пандемијата, угостителско-туристичкиот сектор го напуштиле меѓу 4.000 и 20.000 вработени – беше истакнато на прес-конференцијата во СКМ.

Во фокусот на обуките што ќе ги спроведува СКМ ќе биде практичната настава, која ќе се одвива во самите угостителски објекти и од страна на обучени лица. Целта е да се ублажи одливот на работната сила присутен во изминатиот период.
– Голем број од вработените во угостителско-туристичкиот сектор во текот на изминатата година преминаа во други дејности, пред сѐ во транспортот и градежништвото, затоа што не работеа околу 85 отсто од објектите, поради ковид-мерките. Компаниите се соочија со одлив на над 50 отсто од стручниот кадар, а најмногу на рецепционери, готвачи и келнери. Владината поддршка и правото на поддршка на платите не можеа да го обезбедат сите субјекти од овој сектор, а мерките од петтиот пакет сѐ уште не се реализирани. За враќање на поранешните позиции и за обновување на бројот на вработените со нов кадар, ќе бидат потребни околу три години – објасни Ана Таневска Ѓеорѓиевска, претседателка на Здружението за угостителство и туризам, при СКМ.

Наташа Јаневска, координаторка на проектот „Образование за вработување“, посочи дека обуките за преквалификација ќе содржат теоретска и практична настава и дека засега најмногу интерес покажале хотелите. Таа ги повика и другите претпријатија од овој сетор да покажат интерес, да се вклучат во програмата и да ја искористат можноста заради ублажување на одливот на работна сила во секторот. Е.Р.