Државата им должи на приватните компании над 300 милиони евра / Фото: Игор Бансколиев

По укажувањето на стопанските комори дека долгот на државата преку неплатени сметки на разни јавни институции и претпријатија достигнува 300 милиони евра, експертите посочуваат дека проблемот е системски и дека се неопходни промени во повеќе сфери за негово надминување

Намалувањето на долгот на државата кон стопанството како повод

Системски промени во повеќе области, проверка и надградување на менаџерските способности на лицата што добиваат раководни функции во јавните претпријатија, како и проверка на реализираните проекти, се неопходни промени што би придонеле за намалување на долгот што државни или јавни претпријатија го имаат кон стопанството. По апелот на бизнис-заедницата дека вкупниот долг кон нив надминува 300 милиони евра, економските експерти укажуваат дека проблемот е комплексен и дека за негово надминување се потребни системски промени.

– Нивото на јавен долг на јавните претпријатија кон стопанството е голем, а и сите прогнози на Светска банка и други реномирани институции е дека тој ќе расте, а ќе расте и вкупниот јавен долг на државата. Ова е проблем што се провлекува со години, а покрај долговите на јавните претпријатија има и разни побарувања од компаниите од општините и нивните јавни претпријатија. Имаше еден обид од државата да се надмине проблемот, при што на општините им беа уплатени 50 милиони евра, за тие преку своите јавни претпријатија да се раздолжат со локалните компании и да го стимулираат локалниот економски развој – вели универзитетскиот професор Борче Треноски.
Треноски истакна дека иако изгледа навидум лесно да се предложат различни мерки за надминување на проблемот, сепак станува збор за комплексен проблем, кој укажува на неопходноста и што поскоро да се подигне ефикасноста на целиот систем.
– Ова е комплексен проблем, кој е јасен показател за ефикасноста на институциите и на целиот систем, не е само економски проблем туку и правен. Голем дел од проблемот со долгот на јавните претпријатија се должи и на самиот избор на менаџерите, од кои дел е со политичка заднина, или од други причини, но лошите менаџери лошо стопанисуваат со јавните претпријатија и создаваат долгови што се трупаат или се враќаат по подолг период. Од друга страна, има јавни претпријатија што се заглавени во правни процедури, што укажува на недостатоци и во правосудството – додава Треноски.

Според него, за намалување на долгот на јавните претпријатија или локалните самоуправи треба да се поставуваат квалитетни менаџери на раководните функции, но и да се примени модел што веќе се користи во развиените земји, а тоа е менаџмент базиран на перформанси.
– Во светот лицето што е на раководна функција, покрај задачите и активностите што треба да ги реализира, има одреден буџет. За секоја од точките предвидени со планот, задолженото лице реферира кога и колку од средствата потрошило, но и колку реализирало во согласност со плановите. Вака, на крајот од годината ќе се види кој од менаџерите колку потрошил од јавните пари и колку тие се искористени за намената за која биле предвидени. На тој начин може да се обезбеди некаква контрола. Но, сепак, системот не е само да наметнете некакво правило, бидејќи и кога се наметнуваат правила, поради неказнивоста, неодговорноста, но и поради правосудниот систем, се создаваат проблеми какви што имаме кај нас. Имаме јавни менаџери што заминуваат од функција и оставаат огромни долгови, но никој не кажува каде отишле тие пари, зошто се создадени долгови, дали е тоа како сега, поради пандемијата, или пак од други причини, дали било планирано да се зголеми долгот. Значи проблемот е системски, државата треба да влијае на сите нивоа, и на правосудните системи, но и да ги едуцира менаџерите ефикасно да управуваат со јавните пари – истакна Треноски.
И вицепремиерот Фатмир Битиќи посочи дека проблемот со долгот кон стопанството треба системски да се решава и дополни дека на истиот тој му се посветени и се бараат решенија.

– Се согласувам дека средствата не се мали, секако ние сме свесни дека во овој момент на криза намирувањето на договорните обврски е еден од највисоките приоритети и во ребалансот на буџетот. Укажавме дека ќе се поддржат сите буџетски ставки и сите институции што директно се во корелација со приватниот сектор и услужниот сектор. Сите сме свесни за тоа и сметам дека проблемот треба системски да се реши и наредните години ќе работиме токму на тоа, а тоа е како не само приватниот сектор да биде дел од Законот за финансиска дисциплина, туку и јавните институции – кажа вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Викендов претставник на Сојузот на стопански комори на Македонија, Благоја Грозданов, посочи дека според нивните анализи државата им должи на приватните компании над 300 милиони евра по основа на неплатени фактури на јавните претпријатија или државни институции. Беше истакнато дека на овој начин се создава неликвидност во стопанството, кое е погодено дополнително од пандемијата.
– Не само што не може да си ги наплатат средствата туку влегуваат во голема дупка, со оглед на тоа што го плаќаат данокот на државата иако немаат наплатено фактури, а потоа државата во неможност да ги собере сите средства, повторно бара спас од стопанството, каде што врши дополнителен притисок, што сега се наоѓа во поголема криза – посочи Грозданов од ССК.

Сличен став имаат и претставниците на Стопанската комора на Македонија, кои укажуваат дека има проблем со наплатата на компаниите од субјекти од јавен сектор.
– Не се должи на една или две компании, туку тоа е една состојба што постои неколку години, и токму поради тоа како Комора сме реагирале со повеќе иницијативи. Бараме измена на членот 218 од Законот за извршување што го кочи процесот на наплата. Имаме ситуации и кога добиени судски пресуди немаат можност за извршување – додава Елена Милевска Штрбевска од Стопанската комора.
Според претставниците на коморите, општ впечаток е дека јавните претпријатија имаат големи трошоци со оглед дека не може да си ги намират обврските и тоа е ситуација што не се поправа со години.