Фото: Игор Бансколиев

Светска банка со образец за побрз економски раст:

Претставниците на Светска банка истакнуваат дека не смее да има никаква толеранција за корупцијата, потоа да им биде дадена еднаква шанса за успех на фирмите, како и да се штити тешко добиената макрофискална и финансиска стабилност

Македонија има неискористени можности да ја прошири трговијата на стоки и услуги, особено во сферите на туризмот, логистиката, информациската технологија и здравството. Сепак, компаниите треба да бидат подготвени за да се натпреваруваат на светскиот пазар, сметаат претставниците на Светска банка, кои за „Нова Македонија“ посочија неколку сегменти на кои е неопходно да работат и државата и компаниите за побрз и повисок економски раст.

Во последниот извештај на СБ за Западен Балкан беше истакнато дека економскиот раст ќе биде подобар од очекувањата, како и дека невработеноста е намалена на историски најниското ниво. Но беше укажано дека се зголемиле јавниот долг и фискалниот дефицит како резултат на порастот на тековните расходи поради зголемувањето на платите, пензиите и на субвенциите и покрај умерениот пораст на приходите.

Од Светска банка посочуваат дека подобрувањето на продуктивноста на економијата бара напори и координација на политиките на разни фронтови. Притоа, првата насока што ја истакнуваат е гарантирање на владеењето на правото и градењето ефикасни јавни институции. Од СБ истакнуваат дека во овој дел не смее да има никаква толеранција за корупцијата, потоа да им биде дадена еднаква шанса за успех на фирмите, како и да се штити тешко добиената макрофискална и финансиска стабилност.
Друг сегмент во кој е неопходно да се дејствува, според нив, е образованието.

– Луѓето да се стекнат со квалитетни и релевантни вештини во текот на образовниот и животниот работен циклус. Човечкиот капитал е најголемото средство на државата, но има итна потреба за подобрување на неговиот квантитет и квалитет. Инвестициите во раниот детски развој ќе овозможат подобра подготвеност за на училиште. Подобри примарни, секундарни и терцијарни наставни методи помагаат во развивањето на вештините за критичко размислување. Механизмите за обезбедување квалитет можат да ги следат резултатите од целокупниот образовен процес за учениците и студентите да бидат веднаш подготвени за работа по завршувањето на одредено образовно ниво, особено преку давање повеќе можности за рани практики во работната средина – објаснуваат од СБ.

За економски раст е неопходно и зајакнување на капацитетите, на екосистемот за усвојување на технологијата и пристапот на фирмите до финансии, сметаат од оваа реномирана институција. Тие појаснуваат дека во Македонија има неискористени можности за ширење на трговијата на стоки и услуги, особено во сферите на туризмот, логистиката, информациската технологија и здравството. Сепак, тие истакнуваат дека фирмите треба да се подготвени да се натпреваруваат на светскиот пазар.
– Програмите што ги поддржуваат домашните фирми, особено помалите, треба да усвојуваат меѓународни стандарди за квалитет и да ги подобрат нивните управувачки вештини, што ќе им овозможат пристап до финансиски средства, ќе се подобри нивното работење и ќе се интегрираат во синџирот на вредности – велат од Светска банка.
Промовирањето на пазарната конкуренција и воспоставувањето светска бизнис-клима се исто така едни од формулите за побрз економски раст. Светските банкари истакнуваат дека на хартија македонските регулативи за конкуренција и институции го следат европскиот модел, но додаваат дека во практиката постојат пропусти што создаваат нееднакво поле на игра.

– Конкуренцијата и политиката за државна помош треба да бидат поефикасни преку зајакнувањето на неутралноста на јавниот сектор, промовирањето приватни фирми во мрежните индустрии и отстранувањето на пречките за конкуренција во професионалните услуги, што ќе доведе до зголемување на продуктивноста. Во меѓувреме, Северна Македонија може да се потпре на своето солидно досегашно искуство во реформите за да ги подобри квалитетот и предвидливоста на деловните регулативи – додаваат од СБ.

Меѓу последните мерки како неопходни за успешен раст на македонската економија што ги истакнуваат банкарите се зајакнување на трговската поврзаност и интегрирање на синџирот на вредности. Банкарите истакнуваат дека во однос на „силната“ поврзаност беше постигнат голем напредок во градењето транспортна инфраструктура, но дека сега е неопходно да се направи ребаланс на трошоците за да се инвестира во одржувањето и безбедноста на патиштата за да се заштитат физичкиот и човечкиот капитал.

– Внимание треба да се посвети и на „слабата“ поврзаност, особено во делот на процесот на рационализација, подобрување на царинските системи и координација на активностите на агенциите што се занимаваат со извоз што ќе воспостави поблиски врски меѓу извозно-ориентираните фирми што работат со странски директни инвестиции и домашните фирми – заклучуваат светските банкари.

Ги запрашавме и домашните комори која е формулата за успех, а како заедничка нишка што ја истакнуваат тие се владеењето на правото и сузбивањето на сивата економија.
Македонија е мала земја, со мал пазар и со слабо развиена економија. Деловната клима, но и економијата во целина, често е погодена од политичките кризи, за кои бевме сведоци во претходните години. Покрај ова, земјата се соочува со проблеми што се клучни за една економија, а тоа се голема државна администрација, неефикасност на институциите, одлив на висококвалификувани кадри од земјата и други проблеми, посочуваат претставниците на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
– Постојано истакнуваме дека политичките чинители не треба да носат закони што имаат влијание на краток рок. Треба да се изработи среднорочна или долгорочна стратегија за целите на државата, да се идентификуваат и дефинираат главните цели, кои ќе значат подобра бизнис-клима. Оттука, сметаме дека постојат неколку сегменти на кои треба да им се обрне посебно внимание, за подобрување на бизнис-климата, а со тоа и постигнување раст и развој на економијата. Една од главните работи е правна држава, односно правична примена на законите. Важноста од владеење на правото е сигнал и за инвеститорите дека во Северна Македонија правилата и законите се почитуваат и важат за сите еднакво – истакнуваат од СКСЗМ.

Додаваат дека политичките кризи имаат големо влијание врз бизнис-климата и затоа треба да се постават цели според кои ќе се водат политичките чинители, а со тоа да не се влијае директно врз бизнис-амбиентот.

– Важен чекор кон постигнување добра бизнис-клима се евроатлантските интеграции. Сметаме дека со приклучување кон НАТО и со добивање датум за преговори за приклучување кон ЕУ ќе се придонесе за подобрување на бизнис-климата во земјата. Ова претставува можност за привлекување странски инвестиции, а со тоа и раст и развој на економијата. Постигнувањето добра бизнис-клима е важно и за промовирање на претприемаштвото и иновациите во земјата. Односно, во извештајот на Глобалниот индекс на конкурентноста (GCI) за 2019 година, Северна Македонија во 12-от столб (Способности за иновации) е рангирана на 97-то место од вкупно 141 земја. Затоа, важно е креирање поволна бизнис-клима, бидејќи тоа ќе придонесе и за одржлива и стабилна економија, која ќе биде конкурентна со земјите од регионот, но и пошироко – истакнуваат од комората. П.О. – Б.З.