Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вработените на „Фени“ јавно прашуваат, кој има интерес да се одолжува стечајот

Од Синдикатот на вработените во комбинатот „Фени“ во Кавадарци сѐ уште чекаат да заврши стечајот. Тие во писмената реакција до јавноста пишуваат дека стечајната постапка се одолжила поради жалбите што ги поднесувале оние што ја однеле компанијата во стечај.

Во такви услови, од синдикатот истакнуваат дека работниците наместо да бидат вработени на неопределено време, морале да потпишуваат месечни договори за работа.

– Годината завршува, ние сѐ уште чекаме да заврши стечајот на „Фени“. Повеќе од една година чекаме да се стави крај на нашата неизвесност, иако постојано бевме убедувани дека постапката ќе биде колку што може побрза и побезболна за нас. А стечајната постапка се одолжува зашто жалби поднесуваат оние што го однесоа „Фени“ во стечај. Ова е веќе срамно и ги надминува сите граници на човечност, морал и етика. Ќе повториме, ние сме луѓе, цели семејства, а не бројки на хартија. Срамота е да „лебдиме“ во несигурно, поради нечии игри, игри на оние што нѐ донесоа до ова дереџе – пишува во отвореното писмо до јавноста на работниците и синдикатот на „Фени“.

Оттаму јавно прашуваат, кој има интерес да се одолжува стечајот.
Тие пред кратко време исто така апелираа да заврши што поскоро стечајната постапка за да можат најпосле да добијат договори на неопределено време и да заврши нивната неизвесност.

– Во ситуација кога стечајот уште трае, потпишуваме договори секој месец, а и нашиот живот стана месец за месец. Згора на тоа излегоа информации точно како од „Кунико“ го планирале стечајот и како планирале да нѐ остават на цедило, сите доверители и нас вработените. Планирале стечај на „Фени“, го организирале тоа и на крајот обвинуваат други за тоа? Избегаа во странство, оставија пустош и пак некој друг им е виновен – се наведува во соопштението на синдикатот на „Фени“.