Синдикатот на прилепски „Еурокомпозит“ не се откажува од протест и штрајк. Изутрината членовите на синдикатот беа на протест пред влезот на фабриката од 8 до 9:30 часот.

Според Роберт Богданоски, претседател на Синдикатот изутрината од раководството ја добиле одлуката дека им е забранет влезот во фабриката поради суспензиите на синдикалните членови што тие не ги признаваат.

– Кога дојдовме ја видовме одлуката од директорот дека не смееме да влеземе во фабриката поради суспензиите што ние не ги признаваме. Вработените беа присутни од изутрината и штрајкуваа, дел влегоа во погоните, дел си заминаа. Им укажавме на вработените да одлучат како сметаат и доколку сакаат да влезат во погоните, ние нема да ги спречиме, ниту имаме право на тоа. Но, се изјаснија дека сите ни ја даваат поддршката – изјави Богданоски.

Синдикатот вели дека не излегле на блокада на патниот правец Прилеп-Градско на излезот од градот зашто имало најави дека ќе се смени раководството.

– Очекуваме дека во најскоро време ќе се смени раководството, а одредена најава добивме од прилепскиот градоначалник и поради тоа ја одложивме блокадата на патниот правец. Доколку се смени раководството ќе се исполни и тој услов во договорот со Владата: добивме просечна републичка плата, по една да добиваме месечно, да се смени раководството и во рок од шест месеци да се реши судбината на компанијата. Во тој период ние ќе работиме – рече Богданоски.