Фото: Маја Јаневска-Илиева

Непријавените работници се еден од најзначајните сегменти на сивата економија во Македонија. Неповолните состојби на пазарот на трудот, повеќедецениската висока стапка на невработеност и ограничениот капацитет на економијата за апсорпција на вишокот работна сила доведоа до пораст на бројот на невработени лица. Состојбата дополнително се влошува поради сѐ поголемиот број на луѓе што работат на интернет.
– Работниците се во безизлезна ситуација и честопати се принудени да прифатат работа без договор за вработување. Ретко кога некој своеволно прифаќа да работи непријавен, тоа е најчесто принудно решение од газдите. Има ситуации кога за поголем профит работниците прифаќаат да работат непријавени, но тоа е поради ниските примања во фамилијата. Едно истражување покажа дека дури 25 отсто од вкупниот број работници се непријавени. Тоа значи дека секој четврти работник е непријавен. Профитот од нивната работа оди кај газдите – вели економистот Здравко Савевски, додавајќи дека со непријавувањето на работниците не им се плаќаат придонеси и му се прави штета на државниот буџет.

Савевски истакна дека ова е глобален проблем, и појаснува дека кај нас состојбата дополнително се влошува поради сѐ поголемиот број на луѓе што работат на интернет.
– Голем дел од младите лица во Македонија работат на интернет, и тоа најчесто за странски компании, а притоа тие компании не им плаќаат придонеси, и ова е еден модел за избегнување на плаќањето давачки кон државата. Нешто слично применуваат и газди што ги кријат парите во даночните раеви, па оттаму ангажираат работници за да не им платат придонеси – кажа Савевски. Тој дополни дека непријавувањето на работниците има сериозно влијание врз буџетските средства на државата, која потоа мора да се задолжува за да враќа пари.

Истражувањето спроведено во рамките на ИПА-проект покажува дека 10,5 отсто од испитаниците биле вклучени во некој вид нерегистрирани активности. Тие најчесто биле ангажирани во земјоделство (18,1 отсто), општи мануелни работи (8,4 отсто), ресторани (8,2 отсто), градежништво (7,9 отсто). Најчеста причина за работа во неформалната економија е недостигот од регуларни работни места, дури 54,3 отсто од испитаниците ја навеле оваа причина. Други причини се сезонскиот карактер на работата (43,4 отсто), економската корист од неформалната работа за работникот и за клиентот (36,6 отсто), распространетоста на неформалната работа во секторот/регионот (29,4 отсто) и недостиг од доверба во државата (26 отсто).

Поради неформалниот сектор, се создаваат нееднакви услови за компаниите што плаќаат даноци и социјални придонеси и ја почитуваат законската регулатива. Стопанството бара засилени контроли и инспекции и спречување на нелојалната конкуренција, која го урива пазарот бидејќи не плаќаат давачки.
– Бараме конкретни чекори од институциите како носители на механизмите за справување со сивата економија. Имплементација на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност со што би се регулирало работењето во сивата зона, но и здружена акција на граничните премини за спречување шверц. Да се почне постапка за доброволна регистрација, а доколку одбијат да се регистрираат да се применат репресивни мерки со изрекување значителни глоби, бидејќи доколку не се превенира се ризикува и регистрираните да преминат во сивата зона, но и да се дестимулираат сите оние што се охрабриле да се самовработат – изјави претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска.

Таа додаде дека само со функционален механизам може да се справиме со сивата економија, која не придонесува во буџетот и ги руши основите на еднаквоста врз кои се темели пазарниот систем.

– Нашите работници ја прифаќаат состојбата, не се трудат да најдат излез освен со иселувањето, мислат дека не можат ништо да направат за да ги променат состојбите. Тука мора да влијаат инспекторите за труд, кои ќе контролираат и ќе казнуваат за непочитување на законите. Но тие се малку, ограничени се кадровски. Наместо да се вработуваат луѓе во јавна администрација, на Македонија ѝ треба доекипирање на инспекторатот на трудот и дуплирање на нивната бројка бидејќи е сериозен бројот на непријавени работници – посочува Савевски.

[email protected]