Фото: Игор Бансколиев

Најчести форми преку кои се манифестира сивата економија се затајување данок, неправилности во примената на Законот за работни односи, висок степен на мито и корупција, недозволена и непријавена прекугранична трговија со добра, високо учество на готовина во масата пари, извршување зделки во натура или компензација и слично

Бизинс-секторот постојано укажува на потреба од регулирање на сивата економија и вклучување на неформалните субјекти во нормалните текови на работењето, што ќе резултира со поголем прилив во државниот буџет. Се проценува дека обемот на сивата економија во земјава се движи од 20 до 40 отсто, додека на европското ниво таа се движи од 12 до 15 проценти.
– Потребни се конкретни реформи за отстранување на неколку пречки и кочници за развојот, кои имаат директна импликација врз работењето на приватниот сектор. Како клучни фактори ќе ги споменам решавањето на сивата економија и корупцијата, кои се големи кочници за поголеми економски развој – истакна претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Непријавените работници се еден од најзначајните сегменти на сивата економија во Македонија, што е резултат на недостигот од стручен и квалификуван кадар. Овој проблем со години го актуализира и Стопанската комора на Македонија, за наоѓање конкретни мерки и решенија за спречување на истиот тој.

– Повеќедецениската висока невработеност и ограничениот капацитет на македонската економија за апсорпција на вишокот на работна сила во голема мера го детерминира и порастот на бројот на лица, кои не се регистрираат ниту како вработени, ниту како невработени – посочуваат од СКМ.

Истражување спроведено во рамките на ИПА-проектот покажува дека околу 10,5 проценти од испитаниците биле вклучени во некој вид нерегистрирани активности, а најчесто во земјоделството, општи мануелни работи, ресторани, градежништво итн. Уделот на неформалната економија е голем и влијае врз конкурентноста на формалниот приватен сектор. Процените говорат дека обемот на сивата економија се движи од 20 до 40 отсто. Просечното ниво на сивата економија во европските земји се движи од 12 до 15 проценти.

– Постоењето неформален сектор создава нееднакви услови за компаниите што плаќаат даноци и социјални придонеси. Стопанството бара засилени контроли и инспекции и спречување на нелојалната конкуренција, која го урива пазарот бидејќи не плаќа давачки. Спречувањето на сивата економија ќе даде резултати во растот на севкупната економија. Суштинските реформи треба да бидат во насока на праведно оданочување, односно секој што врши дејност во Македонија да има еднаква обврска да плаќа данок, а не само оние што работат регистрирано – истакнуваат од комората.

Оттаму додаваат дека доколку се засилат контролата и наплатата на непријавени даноци од сивата економија, ќе има прилив во буџетот и ќе се создаде амбиент за реформски мерки насочени кон обезбедување поквалитетни услови за живот.

– Целта на инспекциските служби е да им овозможи на оние што работат нерегистрирано, да се регистрираат за да станат рамноправни на пазарот. Целта е да се формализира неформалната економија и во согласност со правилата компаниите да имаат еднакви можности и услови да се натпреваруваат на пазарот – додаваат од комората.

Претседателката на Сојузот на Стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, посочи дека оние што работат без фирма се поконкурентни од регистрираните за 50 проценти бидејќи не плаќаат ДДВ и придонеси по основа на социјално и пензиско осигурување, а тековните трошоци ги плаќаат како физички лица наместо со износот за индустриска струја и вода како регистрираните фирми.

– Без координирана акција на стопанството, УЈП и граѓаните, нема механизам тие да се откријат затоа што тековите на пари им се готовински. Тоа сакаме да го пресретнеме, и тие да влезат во системот затоа што не е целта да бидат казнувани, туку да влезат на пазарот и да бидат лојална конкуренција – укажа Арсовска.

Програма на економски реформи донесена од Министерството за финансии, за намалување на неформалната економија предвидува државата оваа година да одвои 200 илјади евра, следната 500 и во 2021 година 300 илјади евра од ИПА-фондови. Затоа се очекува дека ќе се преземат засилени мерки за сведување на сивата економија на ниско ниво.

Истражувања покажуваат дека казнените мерки не се ефикасен инструмент за намалување на неформалната економија, туку тоа се мерките на даночната политика, дерегулацијата, мерките за зголемување на даночниот морал, системски мерки за намалување на корупцијата, како и реформа на даночната администрација од извршител кон сервис на даночните обврзници.

Најчести форми преку кои се манифестира сивата економија се затајување данок, неправилности во примената на Законот за работни односи, висок степен на мито и корупција, недозволена и непријавена прекугранична трговија со добра, високо учество на готовина во масата пари, извршување зделки во натура или компензација и слично.

– Може да се очекува повратот на ДДВ за граѓаните да влијание врз сузбивање на сивата економија со оглед на тоа што граѓаните ќе бараат фискални сметки за прометот што го остваруваат за да си вратат дел од платениот данок. Но ако се земе предвид дека еден дел од сивата економија се и непријавените работници, каде што според статистиката 18,1 отсто од вработените лица се неформално вработени, тогаш овој потег е само еден чекор во борбата со сивата економија. Владата треба да ги насочи мерките и активностите кон решавање на проблемот со непријавување работници, најпрво преку нивно информирање и едукација за придобивките од нивно осигурување на работното место, а секако и поригорозни мерки и казни за работодавците, кои на своите работници им даваат плата во плик и не ги евидентираат како вработени – вели Деспина Туманоска од „Фајненс тинк“.