Фото: Маја Јаневска-Илиева

Праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, несомнено дека е потребен, но тој сигурно нема да се постигне со краткорочни политики на зголемување одредени даноци, велат претставниците на Сојузот на стопански комори на Македонија

БИЗНИС-ЗАЕДНИЦАТА СООЧЕНА СО МОЖНОСТ ЗА НОВИ ОПТОВАРУВАЊА

По објавата дека јавниот долг достигнал над седум милијарди евра, или 62,5 проценти од бруто-домашниот производ, што значи дека е надминат психолошкиот праг од 60 проценти, зачестија предвидувања дека Владата би можела да ги зголеми постојните и да воведе нови даноци заради полнење на државната каса. Во таа насока, иако сѐ уште без конкретни планови, одат и најавите за даночни реформи, поради што претставниците на бизнис-заедницата укажуваат дека, поради пандемијата, компаниите се со влошени параметри, односно имаат намалени финансиски приливи, а истовремено потенцираат дека во насока на зголемување на приливите во буџетот треба да се преземат реформи што ќе овозможат намалување на сивата економија.

Реалниот сектор е исцрпен

– Реалниот сектор, а особено малите и средните претпријатија се исцрпени од ударот што им го зададе кризата, поради што сѐ уште не се во финансиска кондиција да може да обезбедат доволно ликвидни средства за враќање во нормала. Во такви услови целосно е несоодветно да се заговара зголемување на даноците, како начин на надоместок на зголемените трошоци во буџетот и достасаните обврски од задолжувањата во изминатиот период. Праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, несомнено дека е потребен, но тој сигурно нема да се постигне со краткорочни политики на зголемување одредени даноци. Дека тоа не е решение покажа и зголемувањето на персоналниот данок, реформа што наместо да ги зголеми приходите во буџетот, ги намали, поради што за кратко време беше повлечена – објаснуваат од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

Од ССК истакнуваат дека пред воведувањето какви било даночни реформи, треба сериозно да се пристапи кон намалување на сивата економија.
– Даночни реформи односно зголемување на давачките во услови кога неформалната економија е 37,6 проценти, податок на Меѓународниот монетарен фонд за учеството на сивата економија во севкупниот економски сектор, сигурно ќе доведат до зголемување на сивата економија, а со тоа и до уште поголема загуба во собирањето на средствата во буџетот, средства што значат повисок животен стандард. Но негативно ќе влијае и на деловното опкружување и обезбедување еднакви услови за сите учесници на пазарот, односно создавање рамноправни услови за натпревар на претприемачки идеи и деловни стратегии. Владата има подготвено стратегија за справување со сивата економија и акциски план за нејзина имплементација, но реално не е постигнат никаков позитивен исчекор, иако се знае дека тоа е бавен процес. И да почне да се имплементира акцискиот план, ќе треба да има поширок општествен консензус и континуитет без менување на курсот по секој изборен циклус – потенцираат од Сојузот.

Дополнително оптоварување ќе ги направи компаниите уште поранливи

Сличен став споделуваат и претставниците на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), според кои полнењето на државната каса е важно за функционирањето на државата, но укажуваат дека компаниите се ранливи по ударот од пандемијата и дека дополнително оптоварување со нови даноци ќе ги направи уште поранливи.
– Полнењето на државната каса секако дека е важно, особено по еден долг период на економско забавување, во кој, за жал, нашата економија сѐ уште се наоѓа. Пред сѐ, треба да се има предвид дека компаниите сѐ уште се ранливи поради претрпената штета, а тоа се забележува во драстичниот пад на нивото на нивната ликвидност, бројот на вработени, целокупната слика на БДП итн. Сметаме дека во овој период, компаниите не треба да се оптоваруваат со дополнителни обврски кон државата, бидејќи сѐ уште не се во можност да придонесуваат во тој аспект, особено кога станува збор за зголемување на даноците. Полнењето на касата треба да се направи преку стимулирање на севкупната економија на земјата, стимулирање претприемаштво, а со тоа намалување на сивата економија. Во спротивно, ќе има контраефект и може да ја поттикне сивата економија, која во нашата земја е во значително ниво – објаснуваат од СКСЗМ.