Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пандемијата атакуваше врз одредени сектори, од каде што голем број луѓе останаа без
работа. Ова неминовно го наметнува прашањето како да се вработат и ангажираат лицата што поради пандемијата останале без работа. Дали тие може да бидат ангажирани на друга работна позиција, особено онаму каде што стопанството има дефицит на работен кадар, па со преквалификација и обуки да се приспособат на ново работно место

Дефицит од квалификувана работна сила во државава

Мало намалување на бројот на невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување се забележува последниве месеци од оваа година. Претходно бројката на невработени лица што бараат работа беше во континуиран раст, како кај лицата што се одјавени од работното место, така и кај лицата што првпат се пријавуваат, како резултат на пандемијата и влошените економски услови.
Во согласност со податоците објавени на веб-страницата на Агенцијата за вработување, во септември како невработени што активно бараат работа се регистрирани вкупно 135.605 лица, што е за 23 илјади помалку отколку на почетокот на годинава, кога на списокот на невработени имало 158.681 лице. Како пасивни баратели на работа се пријавени 55.378 невработени, или околу 35 илјади помалку отколку во јануари, кога имало 90.293.
– Со состојбата на 30.9.2021 година се евидентирани 16.215 невработени лица по основа на прилив од работен однос, за кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот по 11.3.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од ковид-19 – наведуваат од Агенцијата за вработување.

Не е лесно со адаптација или разни кратки обуки да се пренасочат работници од една во друга дејност

Малото намалување на бројот на невработени дава позитивни сигнали за подобрување на состојбите во економијата и за раст на ангажираноста на работната сила. Сепак, неминовно се наметнува прашањето како да се вработат и ангажираат лицата што поради пандемијата останале без работа. Дали тие може да бидат ангажирани на друга работна позиција, особено онаму каде што стопанството има дефицит на работен кадар, па со преквалификациски обуки да се приспособат на ново работно место?
Упатените укажуваат дека адаптацијата на работниот кадар не се одвива толку лесно, особено нивно приспособување за вршење дејности што се дефицитарни. Сепак, тие додаваат дека адаптацијата зависи од компаниите и од можноста на работниците за изучување нови области и потенцираат дека истите тие се значајни ем за работниците што останале без работа ем за работодавците што бараат кадар.
– Не е лесно со адаптација или разни кратки обуки да се пренасочат работници од една во друга дејност. Ако зборуваме, на пример, за текстилните работници, тешко дека тие може да се адаптираат и да работат дејности што се дефицитарни. Прв проблем што оневозможува да се приспособат во нова дејност е што најголем дел текстилни работници се жени, а голем недостиг од работници на пазарот се чувствуваа кај дејности за кои се потребни мајстори и кои пред сѐ можат да ги вршат мажи. Има дејности за кои, пак, се потребни долготрајни обуки и искуство, еве како пример ќе ги посочам браварите, каде што не е можно со три месеци обука да се изучи дејноста, туку, напротив, потребни се три години за изучување на струката, каде што се вклучени и обуки за безбедност при работата, а да не зборуваме за други дефицитарни занимања за кои може да требаат уште подолги обуки – објаснува Раде Ненадиќ, директор и сопственик на агенцијата за привремени вработувања „Партнер“.

Одредени струки и работни позиции може да се пополнат со лица што посетувале обуки, но не сите

Првиот човек на Бизнис-конфедерацијата на Македонија (БКМ), Миле Бошков, посочува дека организирањето обуки за работниците што се прави преку разни проекти е позитивен обид за намалување на разидувањето меѓу работниците и потребите на стопанството, но дополнува дека не може секоја струка да се пополни со неколкумесечни обуки.
– Преку Агенцијата за вработување, но и преку разни странски партнери, институциите нудат разни програми и обуки за работници, но, сепак, квотите за вакви проекти се мали, потребен е веројатно поголем опфат, особено имајќи предвид дека оваа година имавме поголем број отпуштени работници поради пандемијата и кочницата за целата економија и кај нас и во светот. Иако има отпуштени работници, има сектори каде што недостига работен кадар, но поради образовното разидување, тие места остануваат непополнети. Можеби одредени струки и работни позиции може да се пополнат со лица што би посетувале обуки, но не сите. Мора да имаме на ум, за споредба, во Германија, за некој да стекне титула мајстор, потребни му се три години за изучување на занаетот, што е показател колку време треба да се изучи и усоврши одреден занает – објаснува Бошков.

Преквалификацијата добар маневар, но да не се негува надеж дека е решение за прекуноќ

Тој дополни дека одредени вештини, како на пример од ИТ-секторот, успеваат да се изучат со неколкумесечни обуки, секако во зависност од степенот на образование, од претходните познавања на лицето што го посетува курсот, но и од самиот материјал што се изучува.
– Низ годините се случувало и ќе се случува одредени професии да исчезнуваат, но, од друга страна, се појавуваат нови, што е знак дека сите треба да ги следиме новините, да се образоваме за нив, за да може полесно да се адаптираме – вели Бошков.
Претседателот на БКМ објаснува дека разидување или гап меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд ќе имаме и во иднина, бидејќи за одредени позиции не може да се создаде кадар преку обуки, туку се неопходни подолгорочни образовни процеси.
– Сметам дека лицата што сакаат да работат ќе најдат работа, без оглед дали се од област што во моментот не е барана. Еве, да ги земеме текстилните работници, тие сигурно со неколкумесечна обука не би можеле да станат веднаш менаџери, ниту пак да станат стручни за некој занает што е претежно од областа на машките работни позиции, бидејќи природата на работата е таква. Но верувам дека можат да почнат од некоја полесна позиција во компаниите, исто така се отвораат се повеќе позиции за негувателки, било да станува збор за деца или, пак, за чување повозрасни граѓани, некои би можеле да се адаптираат таму и да најдат нова работа. Процесот не е лесен, но ако сите сакаме решенија, има. На работниците им треба работа, на работодавците кадар, со обуки и помош сигурно ќе се најде работна позиција и за оние што изминатиов период останаа без своите приходи – заклучува Бошков.