Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пензиските системи се наоѓаат пред крупни предизвици, како што се демографската регресија, финансискиот притисок поради постигнување конкурентност на глобалниот пазар, трансформацијата на економиите, особено на пазарот на трудот, како и силниот отпор на граѓаните кон пензиските реформи, а на сето тоа се надоврза и пандемијата на ковид-19, поради што опцијата за покачување на старосната граница за заминување во пензија е сè поизвесна

Поради неликвидни пензиски фондови во Европа

Дупките во пензиските системи низ Европа сè повеќе ги принудуваат властите да размислуваат за покачување на старосната граница за пензионирање, за да се обезбеди ликвидност на пензиските фондови.
Денеска пензиските системи се наоѓаат пред крупни предизвици како што се демографската регресија, финансискиот притисок поради постигнување конкурентност на глобалниот пазар, трансформацијата на економиите, особено на пазарот на трудот, како и силниот отпор на граѓаните кон пензиските реформи, а на сето тоа се надоврза и пандемијата на ковид-19, поради што опцијата за покачување на старосната граница за заминување во пензија е сè поизвесна.
Во Македонија осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот за мажи, односно 62 години живот за жени и најмалку 15 години работен стаж. Властите во земјава во неколку наврати истакнаа дека нема да се менува старосната граница за заминување во пензија, иако ММФ изминатите години предупреди дека токму зголемувањето на старосната граница е еден од чекорите што треба да се преземе за да се намали дупката во пензискиот фонд, која постојано се пополнува со буџетски средства.
Имено, нови закони добија Црна Гора, Хрватска и Полска, чии најстари граѓани во следните 10 години ќе можат да заминат во пензија со навршени 67 години. Во меѓувреме, Велика Британија и Финска ќе ја покачат границата на 68 години.

Со проблеми со неликвидност на пензиските фондови се соочуваат и другите земји во Европа, поради што се преземаат чекори за менување на пензиските системи, а најновата вест доаѓа од Данска во која се говори за намалување на старосната граница за пензионирање.
Додека низ светот старосната граница за заминување во пензија се зголемува, во Данска таа би можела да биде намалена за голем број луѓе.
Новиот дански пензиски модел, кој пред неколку дена ѝ беше претставен на јавноста, би требало да овозможи 38.000 луѓе до 2022 година да одат во пензија и пред исполнувањето на старосната граница. Тој број би требало до 2025 година да се зголеми на 49.000 луѓе.
Данските власти предлагаат да се овозможи пензионирање на луѓето што имаат 42 години стаж и 61 година старост. Во моментот Данците се пензионираат со просечна старост од 66 години. Оваа реформа на пензискиот систем е наменета пред сè за луѓето што работат тешки физички работи.

Во Германија старосната граница за пензии постојано се зголемува и планирано е да достигне 67 години до 2031 година. Засега се потребни 65 години и седум месеци да се замине во пензија, и за жените и за мажите.
Жените во Австрија одат во пензија со 62, а мажите со 65 години. Границата за старосна пензија за дамите од 2024 година постепено ќе се изедначува со границата за мажите. Погодноста во оваа земја, која неодамна беше донесена, е минималната пензија од 2020 година да изнесува 1.200 евра нето за луѓето со 40 и повеќе години работен стаж остварен во Австрија.
Во Италија во моментот старосната граница за заминување во пензија за мажите е 66 години и три месеца, додека за жените 63 години и девет месеци. До 2021 година се планира границата да се подигне на 67 за обата пола. Просечната пензија во Италија изнесува околу 490 евра.
Во Шведска до 2036 година бројот на годините што ќе бидат потребни за пензионирање ќе изнесува 67. Во моментот тој е 66 за мажи и 63 за жени. Просечната пензија во Шведска е 770 евра.

Во Норвешка старосната граница за заминување во пензија за мажите е 67 години, додека за жените 64. До 2030 година годините потребни за заминување на жените во пензија ќе се зголемуваат на 67. Во Норвешка просечната пензија е околу 700 евра.
Од земјите во регионот, Хрватите одат во пензија со 65 години за мажите и 62 за жените. Хрватската влада планира до 2030 година да ја подигне старосната граница за жените на 65, додека за мажите е во план таа до 2038 година да биде 67 години.
Оваа година дамите во Србија во старосна пензија ќе можат да заминат со 63 години возраст, наместо 62 години и шест месеци како што беше минатата година. Годишно границата ќе се поместува за два до шест месеци, така што дамите во 2031 година ќе можат да се пензионираат со полни 65 години.
Мажите во оваа соседна земја заминуваат во пензија со наполнети 65 години и минимално 15 години работен стаж.