Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, вчера оствари средба со амбасадорот на Република Франција, Сирил Бомгартнер, заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, делегација на Француската агенција за развој (AFD) и со директорот на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), Давид Оберхубер, на која се разговараше за унапредување на соработката помеѓу Владата на Македонија и развојните агенции на двете земји, во насока на реализација на проекти за енергетска ефикасност.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека Владата е посветена на реализација на приоритетните цели за одржлив развој и Агендата 2030 на Обединетите нации, со кои ќе се овозможат подобри услови за живот на граѓаните, а во исто време ќе се спроведуваат реформите за членство на земјата во ЕУ.

– Како земја-членка основач на Европската енергетска заедница, Република Северна Македонија во изминатиот период направи голем исчекор во носење многу значајни документи, стратегии и политики, во кои се транспонирани директивите од енергетскиот сектор. Сите овие активности, поврзани со реформите во енергетиката и енергетската ефикасност, условија носење нов закон за енергетика и закон за енергетска ефикасност, како и стратегија за енергетика до 2040, а во процес на усвојување е и националниот план за енергетика и клима, кои ја даваат основата за поголемо производство на електрична енергија од обновливи извори, но и политики за заштеда на енергија преку воведување технологии и техники за енергетска ефикасност – спомена Битиќи.
Дополнително, тој потенцира дека Македонија е една од првите земји во регионот што се заложија за повисоки амбиции во поглед на редукција на емисиите на стакленички гасови, кое е поврзано со битката со климатските промени.
– Токму енергетската ефикасност е препознаена како поле во кое би можело да се интензивира соработката со Франција и со Германија, кои преку нивните развојни агенции би овозможиле техничка и стручна помош за правење соодветни анализи, студии, проектни документации, а потоа во заедничка соработка и со Зелениот климатски фонд и други меѓународни финансиски организации да се реализираат значајни проекти за граѓаните – вели Битиќи.

Ова е втора посета на делегација на Француската развојна агенција во само еден месец, со која се покажува силната посветеност за унапредување на соработката помеѓу двете земји и поголема присутност на ФАР во земјите од Западен Балкан.
Според Битиќи, имплементацијата на мерките ќе придонесе за подигнување на општествената свест од придобивките за воведување нови техники и технологии за енергетска ефикасност, кои ќе им обезбедат подобри услови за живот на граѓаните и подобар животен стандард. К.М.