Фото: Игор Бансколиев

Извештај на кредитната агенција „Стандард и Пурс“

Кредитната агенција „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава со стабилен изглед, велејќи дека централната банка успешно ја одржува довербата во банкарскиот сектор, што се докажува и преку постојаниот раст на депозитите во 2020 и во 2021 година. Стабилниот изглед, како што се нотира во извештајот што го објавува кредитната агенција за Македонија, ги рефлектира очекувањата дека проектираното економско заздравување на нашата држава ќе помогне во лимитирање на фискалниот и на надворешниот дефицит во следната година.

Агенцијата нотира дека рејтингот може да се зголеми доколку континуираните структурни реформи ги зајакнат институционалните капацитети, истовремено зачувувајќи ги одржливите фискални политики.

Аспирациите за пристапување на нашата држава кон ЕУ може да бидат сидро за таквите институционални подобрувања и за напредок на структурните реформи, се истакнува во извештајот.
– Економијата на Македонија закрепнува од последиците од пандемијата. И покрај контракцијата во првото тримесечје, очекуваме дека економијата ќе оствари раст од 3,7 отсто. Растот е придвижен од здравото закрепнување на странската побарувачка, која ги рефлектира спецификите на интеграцијата на Македонија во меѓународните синџири на доставувачи, како и приватната потрошувачка, како резултат на придобивките од заздравувањето на приватните трансфери и од владините мерки за поддршка на стопанството, кои го ублажија расположливиот доход – се вели во извештајот.

Потенцијалното влошување на состојбата со пандемијата и придружните ограничувања остануваат ризик за економското закрепнување, но како што забележува кредитната агенција, извозот на земјата се покажа отпорен на наметнатите ограничувања.
Во однос на државниот долг, агенцијата очекува тој да изнесува 58 отсто од БДП до 2024 година.