Фото: Игор Бансколиев

Според најновата фискална стратегија

На среден рок, стапките на економски раст ќе надминат пет отсто, стапката на невработеност ќе се намали на 8,6 отсто, додека стапката на вработеност ќе се искачи на 54,3 отсто. Просечната плата ќе расте со просечна стапка од околу 4 отсто, бруто-инвестициите ќе се зголемат до 36,2 отсто и во 2026 година, додека извозот ќе расте со просечна стапка од околу 8,8 отсто. Ова се проекции дадени во Фискалната стратегија за 2022-2024 со изгледи до 2026 година, која беше усвоена на вчерашната владина седница.
– Во согласност со основното среднорочно сценарио, економскиот раст во 2021 година е проектиран на 4,1 отсто, а во периодот 2022-2026 година се предвидува просечен годишен раст од 5,4 проценти. Основното сценарио се заснова на стојалиштето дека економијата ќе заздрави во 2021 година, по што ќе се интензивира економскиот раст. Државната поддршка преку различни економски мерки ќе продолжи во 2021 година, со цел поддршка на домашната економија за нејзино побрзо заздравување и создавање основа за повисок економски раст на подолг рок – велат од Министерството за финансии.
Во однос на надворешното окружување, како што додаваат оттаму, се очекува постепено стабилизирање на глобалните синџири за снабдување, раст на странската побарувачка, кои заедно со намалените притисоци од пандемијата во глобални рамки се очекува да влијаат поволно врз домашните економски текови во наредниот период, како врз трговската размена, така и врз инвестициите и потрошувачката.
Според МФ, инвестициите ќе имаат значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање.

– Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8 отсто во 2021 година, а во периодот 2022-2026 година инвестициите се очекува да забележат просечен годишен раст од 8,8 отсто. Растот на инвестициите се заснова на очекуваниот раст на приватните инвестиции, во услови на постепено зголемување на довербата на деловните субјекти, поинтензивен прилив на странски инвестиции, очекуваниот фискален импулс, кој ќе биде канализиран преку зголемени капитални расходи, но и зголемена поддршка за развој на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, поддршка на иновативната дејност и технолошкиот развој на претпријатијата – посочуваат од Министерството.
Извозот на стоки и услуги, со исцрпување на неповолните економски ефекти од пандемијата, заздравување на глобалните синџири на производство и на надворешната побарувачка и повисока искористеност на производствените капацитети во земјата, се предвидува да забележи реален раст од 10,6 проценти во 2021 година. На среден рок, во услови на очекувано стабилизирање на растот на надворешната побарувачка и зголемување на извозниот потенцијал во земјата преку прилив на странски инвестиции, извозот се очекува да има силен придонес врз економскиот раст, односно е предвидено да забележи просечен реален годишен раст од 8,8 проценти во периодот 2022-2026 година.

Според основното макроекономско сценарио, во 2021 година се очекува раст на бројот на вработени од еден отсто, додека во периодот 2022-2026 година, вработеноста е предвидено да расте со повисоко темпо, односно е проектиран просечен годишен раст од 3,6 отсто. Растот на вработеноста во овој период се очекува да се одрази и врз понудата на работна сила, која е проектирано во просек годишно да се зголемува за 1,7 проценти. Ваквите движења на пазарот на трудот ќе придонесат просечната стапка на невработеност во 2026 година да се намали на 8,6 отсто, додека просечната стапка на вработеност да се зголеми на 54,3 отсто. Растот на просечната нето-плата во овој период се очекува да изнесува 3,8 проценти годишно на номинална основа, со изгледи за умерено интензивирање на растот во чекор со продуктивноста.

– Фискалната политика во периодот 2022-2026 се карактеризира со определбата за натамошно зајакнато управување со јавните финансии и фискална одржливост, која треба да придонесе за задржување на макроекономската стабилност и етапна фискална консолидација. Приоритетите на среден рок ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите, со директна поддршка на активностите на компаниите, унапредување и олеснување на инвестициската клима, отворање нови работни места преку активните мерки за вработување, како и поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија. Во среднорочниот период, фокусот на фискалната политика останува на обезбедување значително ниво на јавни инвестиции, кои се предуслов за подобрување на економските перспективи, како и подобар живот на граѓаните – велат од Министерството.
Вкупните приходи на буџетот на РСМ (централeн буџет и фондови) за периодот 2022-2026 година, како што посочуваат од МФ, се планирани во висина од околу 31,3 процент од БДП. Просечното учество на вкупните расходи на буџетот во периодот 2022-2026 година изнесува околу 34,4 проценти од БДП.