Веројатно требаше една година да се постават границите, а 30 години да се отстранат бариерите за слободна трговија, ја објасни вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи тежината на регионалниот проблем, чија разврска, според очекувањата, би требало да почне денеска

На економскиот форум, кој денеска треба да се одржи во Скопје, ќе бидат потпишани неколку договори и во суштина ќе почне практичната имплементација за мобилност на луѓето, стоките и услугите за побрза мобилност, а ќе биде потпишан и договорот за заедничко управување со кризни ситуации и реакции во моменти на криза. За ова на вчерашната прес-конференција информира заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
Тој нагласи дека денеска ќе започне имплементација на она за што се зборува неколку години во рамките на Берлинскиот процес и на она што беше заедничка агенда, а тоа е овозможување и креирање на регионалниот пазар, затоа што, како што потенцира, само регионалната соработка значи поголема регионална конкурентност.
– Границите лесно се поставуваат, но отстранување на границите е тежок процес. За жал, ние бевме сведоци на тоа, веројатно требаше една година да се постават границите, а 30 години да се отстранат бариерите за слободна трговија. Секако, и со Берлинскиот процес, со иницијативата за заеднички регионален пазар – изјави вицепремиерот Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање дали форумот ќе придонесе да се подобрат бизнис-условите.