Фото: Маја Јаневска-Илиева

Буџетските приходи во април се намалени за 20 проценти во однос на истиот месец минатата година, и тие сега изнесуваат 14,2 милијарди денари. Притоа кај даночните приходи има намалување од 31 отсто во споредба со минатата година и истите тие достигнале 7,2 милијарди денари. Ова го соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска и додаде дека придонесите се реализирани на исто ниво како лани, поточно во износ од 5,5 милијарди денари. Другите приходи бележат пад од 20 отсто во споредба со минатата година.

Таа додаде дека во однос на одделните даноци, реализацијата за април во споредба со истиот месец минатата година, бележи намалување на приходите по основа на данок на додадена вредност за 43,5 проценти што е резултат на рестриктивните мерки, кои предизвикаа стопирање на економските активности. Кај персоналниот данок на доход има пад од 11,7 проценти, додека кај данокот на добивка е забележан раст од 3,6 отсто. Акцизите бележат пад од 40 проценти, а царинските приходи имаат помала наплата од 26 проценти во споредба со истиот месец лани.
– Најголемо натфрлање има кај данокот на добивка.

Од вкупно наплатените приходи од данок на добивка во април, кои изнесуваат 1,43 милијарда денари, 790 милиони денари се од уплатен данок на добивка по годишен биланс, што е позитивен податок, кој говори за успешните резултати на компаниите остварени минатата година – истакна Ангеловска.
Министерката посочи дека кај расходната страна, вкупните расходи во април се реализирани на речиси исто ниво како минатата година односно со раст од 0,7 проценти. Тековните расходи се исто така на исто ниво со ланското, иако кај ставката стоки и услуги се забележува пад од 36,5 проценти, споредено со април минатата година.

Министерката информира дека кај трансферите има зголемување за 7 проценти, главно поради социјалните трансфери, односно зголемувањето на пензиите годинава. Капиталните расходи во април се повисоки за 15,7 отсто во однос на истиот месец лани.
На вчерашната прес-конференција, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, истакна дека во согласност со најновите текови на економиите и во согласност со очекувањата за пад на светската економија, сосема е очекувано и домашната економија да стагнира.

– Соочени со пад на глобалната активност и домашните мерки за ограничување на ширењето на вирусот, проектираме намалување на економската активност од 3,5 отсто во 2020 година, и закрепнување од 4,7 отсто во 2021 и од 4 проценти во 2022 година. И покрај очекуваното закрепнување наредната година, нивото на економска активност останува пониско од претходните оцени – посочи гувернерката.
Таа додаде дека се очекува пад кај сите компоненти на БДП, освен кај јавната потрошувачка, при што кај личната потрошувачка ќе има пад од околу 4 отсто, поради намалување на расположливиот доход во услови на намалена пазарна активност, забавување на кредитната поддршка, раст на неизвесноста, воздржаност… Се очекува пад и кај бруто-инвестициите од околу 10 проценти, поради намалени домашни и странски инвестиции поради неизвесноста. Се очекува пад и на извозот за околу 17 проценти.

– Ризиците се составен дел од секоја проекција, но овој пат тие се исклучително високи и произлегуваат од надворешното опкружување, но и од домашниот контекст. Одолжената здравствена криза или втор бран може да значи поголем пад на активноста, подлабоки ефекти врз билансите на компаниите, поголема аверзија кон ризик, затегнување на финансиските пазари. Влошено опкружување или одолжување на кризата може да доведат до побавно закрепнување на извозот и на домашната побарувачка и до намалување на девизните приливи. Дополнително, ова може да доведе до поголем пад на БДП.