Пониски откупни цени и процена во пониски класи поради намален квалитет на тутунот очекува Стопанската комора на Македонија од годинашната реколта.
Како што беше кажано на вчерашната прес-конференција, површините под тутун се за десет отсто поголеми од лани, но врнежите кон крајот на јуни и на почетокот на јули, како и невремето минатата недела, предизвикаа појава на болести и штетници, што влијае врз квалитетот, а се одрази и врз количествата.
– Поголемата цена и исплатата на субвенциите по класи го зголемија производството на тутун годинава, но неповолните временски услови ги намалија количествата и квалитетот – истакна Васко Ристовски од комората.

Заклучно со април оваа година, склучени се 33.501 договор за откуп, што, исто така, е зголемување за околу десет проценти во однос на 2017 година.
Ристовски не кажа колку би можела да биде годинашната откупна цена на тутунот, иако потсети дека лани просечната достигна 217,60 денари за килограм или 20 отсто повеќе во однос на цената во 2016 година.
Повикувајќи се на последните статистички податоци, Ристовски информира дека е намален увозот на ферментиран тутун, додека увозот на цигарите е на приближно исто ниво.
Комората го поздравува подготвувањето на новиот закон за тутун и очекува негово што поскоро донесување. Со ова законско решение, според Ристовски, ќе се решат горливите проблеми во тутунската индустрија, а и Македонија ќе биде прва земја во ЈИЕ што ќе го регулира овој сегмент од стопанството. Е.Р.