Пласман на италијански козметички производи на пазарот во државава, трговија со прехранбени и вински производи, соработка на туроператори, инвестиции во обновливи извори на енергија, иновации и градежништво, се областите во кои италијански компании гледаат можности за соработка со фирми од државава.
На бизнис-форум во Скопје, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија и на Италијанско-македонската стопанска комора, беше истакнато дека се очекуваат нови инвестициски проекти, заеднички настап на трети пазари и трговски партнерства што ќе придонесат за натамошно зголемување на трговската размена, која лани забележа раст од 13 отсто во однос на 2017 година.

– Многу од партнерите, кои се дел од Италијанско-македонската стопанска комора, се присутни во Македонија, нивниот интерес за инвестиции е огромен, заинтересирани се и во делот за соработка, трговија, инсталација на нови машини, уреди – нагласи Енрико Петрела, претседател на Италијанско-македонската стопанска комора.
Како што истакна Данела Арсовска, претседателка на ССК, трговската размена меѓу двете држави бележи раст, но неопходна е посветеност за намалување на разликите во размената и охрабрување на компаниите за нови деловни партнерства.

– Покрај посакуваното зајакнување на добрите деловни релации, потребно е заедно да се посветиме на намалување на разликите во трговската размена и поттикнување на компаниите за конкретни партнерства и меѓусебна соработка. Одличните релации што ги градиме со коморите од Италија, како квалитетно поставени канали на соработка, се во насока на охрабрување на компаниите во мисијата да пронајдат сигурни деловни партнери да ги користат овие канали – вели Арсовска.

Министерката задолжена за привлекување странски инвестиции, Зорица Апостолска, им порача на бизнисмените да ги искористат можностите за соработка и таа да резултира со нови инвестиции.

Апостолска очекува интеграциските процеси во НАТО и во ЕУ да резултираат со поголем раст на БДП и прилив на нови инвестиции, како во Албанија и во Бугарија.
– Лани поддржавме над 250 компании преку средства од државниот буџет, а за годинава се издвоени 4,1 милијарди евра за поддршка на инвестициите и обезбедување на сите услови што им се потребни на инвеститорите – додаде Апостолска.
Е.Р.