Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во компаниите активни во Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) во мај е регистриран зголемен број на работни места од над 4,15 проценти во однос на истиот месец од 2020 година. Се очекува ваквиот тренд да продолжи во наредните месеци, поради тоа што во дел од компаниите веќе се спроведуваат процедури за отворање нови работни места. Исто така и имајќи предвид дека, според анализите на Дирекцијата за ТИРЗ, само постојните инвеститори имаат обврска да отворат дополнителни 7.000 нови работни места.

Во однос на извозот, компаниите активни во зоните учествуваат со над 46 проценти во вкупниот извоз на државата. Извозните активности во мај достигнаа 251 милион евра, со што извозот во првите пет месеци од годинава изнесува 1,307 милијарда евра. Оваа бројка е за 84 отсто повеќе во однос на истиот период лани, односно за 22 отсто повеќе од 2019 година.

Во првите пет месеци од 2021 година, вкупниот увоз во зоните изнесува над 1,310 милијарда евра и е за 110 отсто зголемен во однос на истиот период лани, односно за 35 отсто во однос на 2019 година. Само во мај увозот во зоните достигна 255 милиони евра.

Поради засилените увозни активности, кои се должат на дополнување на резервите на репроматеријали, како и интензивирање на инвестициите во нови технологии, покриеноста на увозот со извозот во првите пет месеци од 2021 е речиси изедначена. Во мај 2021, нето-извозот е во незначителна позитива од 0,10 проценти, односно околу 27 процентни поени подобар од нето-извозот на ниво на вкупната економија во државата за периодот јануари – април 2021.

Само во првите пет месеци од годинава се потпишани договори со пет компании, чии вкупни инвестиции треба да достигнат над 65 милиони евра, а со новиот концепт на привлекување инвестиции, само во последниве пет месеци ТИРЗ успеаја да поттикнат интерес кај над 30 компании за обем на инвестиции од над 425 милиони евра и на нови 8.500 работни места. Дирекцијата за ТИРЗ неодамна направи и анализа на ефикасноста на една од мерките за привлекување странски инвестиции – доделување државно земјиште по субвенционирана цена.

– Во согласност со анализата, воведен е нов пристап со кој инвеститорите ќе се поттикнуваат, без дополнителен надомест од државата, да инвестираат во регионите надвор од градот Скопје. Со оваа нова мерка/пристап, се очекува позитивните ефекти од странските инвестиции да бидат еднакво достапни за сите граѓани – се вели во анализата.


Искористеноста на слободните зони е само 29 отсто

Сите 13 слободни зони во земјава се искористени само 29 отсто, потврдил за медиумите првиот човек на Дирекцијата за ТИРЗ, Јово Деспотовски.
– Од она што ни го покажа анализата, имаме неискористен доста голем потенцијал. Тоа значи дека и во оние зони каде што на хартија имаме закупено голем процент од слободните парцели, во рамките на самите парцели искористеноста на парцелите е мала. Секој што има каква било допирна точка со бизнисот во градежништвото, знае дека тоа е трошок. Значи, во нашава ситуација, очигледно, имаме доста голем број парцели коишто се веќе дадени на користење, но не се доволно искористени. Наша цел ќе биде, во согласност со деловните планови што ги имаат доставено компаниите, да следиме како тој капацитет ќе се реализира докрај. Доколку не се искористи целиот потенцијал, на крајот тоа е ресурс со кој располага државата. Репарцијализирањето е секогаш опција. Тоа значи дека нема да влегуваме постојано во отворање нови и нови зони, туку, ајде да видиме, тоа што веќе постои, каде што веќе имаме фрлено пари за вложување во инфраструктура, да можеме дополнително да го искористиме, плус да го извадиме максималниот приход од тоа што е веќе направено – објасни Деспотовски.