Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ќе се намалат високите трошоци за брзите кредити што ги издаваат финансиски друштва и една банка. Со законските измени изработени од Министерството за финансии, вкупните годишни трошоци за потрошувачки кредити се ограничуваат на 55 проценти од кредитот, а кои досега достигнуваа и до 500 проценти од сумата на кредитот. Со измените се опфаќаат мали кредити под 200 евра што претходно не беа законски опфатени.

Измените на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, кои од вчера се изложени и на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР), беа презентирани од заменик-министерката за финансии Ширет Елези и претседателската на Организацијата за заштита на потрошувачи Маријана Лончар.
– За да ги заштитиме граѓаните и да го намалиме ризикот од дополнително влошување на состојбата на лицата што имаат проблеми со отплата на кредитите, ги направивме овие законски измени. Се намалуваат и вкупните трошоци за кредитите. Со измена на законот вкупните трошоци на кредитот се лимитираат на 55 отсто, или пет пати по стапката на казнената камата од 11 отсто. За споредба, претходно не постоеше лимит така што давателите на кредити за мали износи и кратки временски рокови наплаќаа двојно или тројно повисока сума трошоци од главнината – изјави Елези додавајќи дека за кредит од 12.000 денари на два-три месеци, граѓаните требаше да вратат 36.000 денари.

Претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), Марјана Лончар, истакна дека измената на Законот за заштита на потрошувачите е особено важна од причина што се ограничува годишната стапка на вкупни трошоци за потрошувачки кредити.

– Поволно за потрошувачите е што со законските измени се овозможува законот да се применува и на кредитите до 200 евра, кои досега не беа опфатени, а кај потрошувачите се создава заблуда затоа што најчесто овие кредити се рекламираат како кредити без камата, а всушност пресметаните трошоци претставуваат скриена камата. Од тие причини ОПМ апелира измените да бидат што побргу усвоени – рече Лончар.

Во земјава се регистрирани 20 финансиски друштва што им нудат вакви кредити на граѓаните.
Заменик-министерката за финансии истакна дека во буџетот има одлична наплата на приходите со реализација од 47 проценти од планираното, а буџетскиот дефицит е 0,7 проценти или една четвртина од проектираниот.
– Правиме напор да се реализираат капиталните инвестиции во наредниот период. Ако има потреба ќе се прави ребаланс на буџетот за да ги прераспределиме пари каде што се потребни – истакна Елези.

Во однос на вчерашното задолжување и запишаната повисока сума на државни хартии од вредност, посочи дека на почетокот на јули на аукцијата е запишана многу помала сума од она што требало да се исплати.
– На почетокот на јули се задолживме 10 милиони евра, а вративме 12 милиони. Тоа е делот што зависи од рочноста и структурата на хартиите од вредност. Ако во 2012 година структурата на портфолиото на државните хартии од вредност беа 93 проценти краткорочни, и само седум долгорочни, сега 60 се долгорочни и 40 краткорочни и со тоа го избегнуваме ризикот за рефинансирање – објасни заменик-министерката.