Вкупниот трошок за топлинска енергија за потрошувачите на БЕГ се намалува за шест отсто, за потрошувачи на ЕЛЕМ „Енергетика“ во општината Гази Баба за 13,5 отсто, а во Скопје Север за 12 отсто, соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски.

Тоа значи дека сметката од 2.000 денари за парно на БЕГ, на чиј систем има најмногу приклучени потрошувачи, ќе се намали за 150 денари. Бислимовски појасни оти поради зголемената цена на природен гас од 20,4 проценти во 2019 споредено со 2018 година, вкупните трошоци за набавка на енергентот на БЕГ се зголемени за 24 проценти или 2,6 милиони евра.

– Зголемените трошоци делумно ги амортизиравме со одлуката ТЕТО да продава топлинска енергија, која е 15 проценти пониска од цената на БЕГ-производство. Влијанието на исклучените потрошувачи изнесува 7 проценти или во пари 1,8 милион евра. Со намалување на ДДВ за топлинска енергија од 18 на 5 проценти, се намалија вкупните трошоци на потрошувачите приклучени на БЕГ за топлинска енергија од 1 август за 6 проценти – рече Бислимовски.

Кај потрошувачите приклучени на „Енергетика“ во општината Гази Баба, во Железара и делумно во Маџари, е намален и фиксниот надоместок за 30 проценти за да има повеќе потрошувачи. За Скопје Север, каде што се приклучени околу 460 потрошувачи, од Регулаторната комисија предлагаат да се вклучат во системот на ЕЛЕМ „Енергетика“ или на БЕГ, затоа што актуелниот снабдувач се соочува со проблем за покривање на трошоците за набавка на природен гас.

– Со ова намалување на цените за топлинска енергија на територијата на градот Скопје, даваме поттик поголем број потрошувачи да се приклучуваат на централниот систем за греење, а веруваме дека со овие цени ќе ги привлечеме и исклучените повторно да се приклучат – рече Бислимовски. Додаде дека нема поевтино греење од топлинската енергија и апелира повеќе потрошувачи да се приклучат на централниот систем, со што ќе се намалат фиксните трошоци на компаниите и ќе има поголемо намалување на цената на топлинската енергија. По согледувањата дека нови згради не се приклучуваат на централниот систем, туку поставуваат котлиња што користат електрична енергија, Бислимовски најави дека РКЕ ќе предложи во новиот закон за градба точно да се знае во кои делови од Скопје на кој начин ќе се греат граѓаните.
– Неприфатливо е згради што се на 200-300 метри од топланите да се греат на електрична енергија – рече Бислимовски.

На новинарско прашање дали владината одлука на градот Скопје да му се даде трајно користење на топловодната мрежа, со која ќе управува новоформираното претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас „Градски енергетски системи“ (ГЕС), ќе ги зголеми цените на парното, Бислимовски рече дека не очекува да има поскапување на топлинската енергија без оглед на тоа кој ја врши дејноста.

– РКЕ им издава лиценци за вршење енергетска дејност на компании што имаат основни средства да ја вршат дејноста. Основните средства можат да бидат во нивна сопственост или да бидат земени под закуп. Доколку новоформираното градско претпријатие достави барање до РКЕ, во кое ние ќе видиме дека има право на користење на дистрибутивната мрежа на градот Скопје, ние ќе започнеме постапка за издавање лиценца и притоа ќе водиме сметка да бидат исполнети сите услови и предуслови за тоа, бидејќи нас како РКЕ единствено нѐ интересира сигурноста во снабдувањето со топлинска енергија по разумни цени – рече Бислимовски. Вкупната бројка на приклучени потрошувачи на централниот систем за греење во Скопје е околу 53.000. E.Р.