Фото: Дарко Андоновски

Евидентирање на парите што граѓаните ги добиваат од странство од страна на УЈП ги намали за 20-30 проценти дознаките од странство во првите месеци на годината.
Намалувањето го потврдуваат и агентите што работат во компании за брз трансфер на пари од надвор.
Албана Бислими, која работи за Вестерн унион, вели дека има опаѓање. Иако е благо, тоа се забележува.

– Од 20 до 30 отсто има помалку праќања на пари од надвор во првите месеци на годинава, во споредба со минатата година – изјави Бислими.
Ова опаѓање, според познавачите на економијата, е поради стравувањето на граѓаните за можно оданочување на овие средства.
Македонија може да загуби многу ако во иднина ги стави како ДДВ-обврзници лицата што примаат средства од надвор, бидејќи со овие средства се покрива и дел од трговскиот дефицит, кој изнесува 1,6 милијарда евра.
Според Бислими, со ваквиот начин на евидентирање на овие средства штетата не е само за нашата држава, туку штета ќе имаат и нашите сограѓани што живеат надвор и кои во иднина би можеле да се обидат да ги внесат во Македонија на црно.