Четвртата индустриска револуција треба да ги зајакне општествата и да извлече голем број луѓе од сиромаштија

Дигиталните и мобилните технологии последните неколку години имаат неверојатен раст. Сведоци сме на економските активности што се резултат на милијарди онлајн-конекции, кои секојдневно се случуваат меѓу луѓето, бизнисите, податоците и процесите. Иновациите на производи, стоки и услуги, променливата структура на трошоците и намалувањето на бариерите за влез драстично ги менуваат индустриската структура и бизнис-моделите. Процените упатуваат на сознанијата дека 60 проценти од глобалниот бруто-домашен производ (БДП) ќе биде дигитализиран до 2022 година. Ова продуцира голем потенцијал за четвртата Индустриска револуција да ги зајакне општествата и да извлече голем број луѓе надвор од сиромаштијата.

На 19 и 20 октомври, сабота и недела, Економскиот факултет – Прилеп организира меѓународна конференција на темата „Дигитална трансформација на економијата и општеството: обликување на иднината“. Конференцијата е почеток на серијалот настани со кои ќе се одбележи 60-годишнината од основањето на Економскиот факултет – Прилеп.

Според Драгица Оџаклиеска, деканка на Економскиот факултет, успехот во голема мера зависи од можноста за создавање ефективни партнерства и соработка меѓу сите засегнати страни.

– Со други зборови, „затворањето на дигиталниот јаз значи многу повеќе од едноставно поврзување“. Зголемувањето на инвестициите за обезбедување пристап до интернет и пронаоѓањето решенија за креирање добар дигитален идентитет има есенцијално значење за соодветно адресирање на овој јаз и заштита на правата на индивидуите во општеството. Уште повеќе, за креирање безбедна и сигурна дигитална средина е потребно да се воспостават глобални норми и практики, кои ќе овозможат ублажување на сајбер-ризиците. Конечно, круцијално значење во затворање на дигиталниот јаз и обезбедување широко распространети придобивки има развивањето нови механизми за партиципативно управување, кои ќе бидат комплементарни на традиционалната политика и регулатива – вели Оџаклиеска.
Таа посочува дека сите овие процеси и можните импликации на дигиталната трансформација врз развојот претставуваат клучен предизвик со кој се соочуваат истражувачите ширум светот.

– Оваа меѓународна конференција има цел да ги повика на едно место претставниците од академската заедница и бизнис-секторот за да ги споделат нивните знаења, информации, искуства и резултати од истражувањата, и со своите дискусии и идеи да понудат решенија за низа проблеми и да придонесат кон креирање адекватни политики – истакна деканката.

На конференцијата ќе бидат презентирани трудови од над 150 автори од 10 различни држави, од Велика Британија, Финска, Хрватска, Турција, Бугарија, Србија, Романија, Босна и Херцеговина, Косово и Македонија. Конференција ќе започне со излагања на тројца еминентни професори, Сара Вилјамс од Обединетото Кралство, Небојша Стојчиќ од Хрватска и Расим Јилмаз од Турција.