Фото: Εмил Јовановиќ

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски вчера од Охрид најави засилени контроли на Охридско Езеро, за заштита на рибниот фонд. Најавата следува откога Владата на доскорашниот концесионер му ја одзеде дозволата поради, како што пишуваше „Нова Македонија“, незаконитости во стопанисувањето, а во изминатите неколку дена беа фатени сторители на бесправен лов на риба од езерото.

– Во услови кога Охридско Езеро нема концесионер и е без заштита, Министерството за земјоделство преку Државниот инспекторат, заедно со Министерството за внатрешни работи, ќе ги засили контролите на терен, за заштита на ова природно богатство и рибниот фонд, кој дополнително е загрозен – рече Трипуновски.
Тој потсети дека минатата година не е спроведено порибување со подмладок од ендемичниот вид охридска пастрмка, а прашање е дали и оваа година ќе биде извршен вештачки мрест, што дополнително го загрозува рибниот фонд.

– Со МВР изминатиот период имавме успешна соработка, но овој апел е за во иднина да се засили контролата не само во охридскиот туку и во струшкиот регион, за заштита на националното богатство до избор на нов концесионер – објасни Трипуновски.