Од први октомври следната година секое физичко лице при иницијална регистрација во Централниот регистар ќе потпишува и изјава за сопственост на удели во други субјекти. Целта е спречување на перењето пари и да не може да се префрлаат средства од едни на други правни лица. Ова го најави Марија Бошковска-Јанкоски, директорка на Централниот регистар на Република Македонија.

– Законот за спречување на перењето пари и финансирањето тероризам е донесен во Собранието, а ние како Централен регистар имаме законска обврска до први октомври идната година да го имплементираме регистарот на вистински сопственици. Сѐ уште се работи на правилникот и на сите други мерки што треба да се имплементираат, а работиме заедно со Управата за финансиско разузнавање и финансирање тероризам – изјави Бошковска-Јанкоски.

Таа појасни дека при иницијалната регистрација, секое физичко лице ќе треба да дава изјава во која ќе наведе дека нема удели или други субјекти на негово име и додаде дека, покрај новите, ќе треба и постојните сопственици на фирми да поднесат таква изјава во Управата.

Воспоставувањето на ваквиот регистар, како што рече директорката, е во согласност со ЕУ-директивите.

Таа најави дека од наредната година ќе профункционира и регионалниот портал, на кој ќе може да се добиваат информациите. Порталот е финансиран од Европската банка за обнова и развој. Засега е во демо-верзија, до крајот на годината ќе бидат достапни бесплатни информации за корисниците, кои и сега ги добиваат, а од февруари и за комерцијални потреби. Покрај Србија и Македонија, на регионалниот портал ќе се приклучат и Словенија, Хрватска, БиХ, Албанија, Косово, Бугарија, Романија, а во постапка на потпишување меморандум за соработка е и со Грција.

Регионалниот портал треба да прерасне во централно место за добивање корпоративни и финансиски податоци со споредбени деловни податоци за правните субјекти.

Регионалниот портал, како што оцени Фрик Јанмат од делегацијата на ЕУ во Скопје, ќе овозможи полесно да се интегрира овој систем во оној на ЕУ, преку кој граѓаните, компаниите и јавната администрација може да пребаруваат информации на компании што отвориле свои претставништва во други земји.

Тоа, како што рече, носи предности, пред сѐ, за да ја зголемува довербата кај потрошувачите, прекуграничните трансакции, компаниите може да имаат намален административен товар и полесни прекугранични процедури.
Беше истакнато и дека Македонија има деловен регистар што добро функционира и оти тоа било споменато и во годишниот извештај во април. Е.Р.