Фото: Маја Јаневска-Илиева

Eдностраните решенија ќе елиминираат еден проблем, но истовремено ќе предизвикаат друг, потребна е добра анализа по сектори и да се направи комбинирано и сеопфатно решение што нема да биде исто за сите работници и за сите сектори, сметаат експертите

Пензискиот систем во Македонија е осуден на пропаст ако драстично не се реформира и не се зголеми бројот на вработените. Сегашниот сооднос на бројот на пензионери со бројот на вработени сигнализира дека натамошното функционирање на пензискиот систем, кој се темели на принципот на генерациска солидарност, односно со исплата на пензиите од придонесот што го уплаќаат вработени, полека станува неодржлив, алармираат економистите, велејќи дека секоја година на Фондот му недостигаат сѐ повеќе пари за да исплати пензии и поради тоа мора да бидат префрлени од буџетот на државата.

Само за исплата на пензии годинава државата, односно Фондот за пензиско осигурување, ќе одвои 880 милиони евра. Според податоците од Стратегискиот план на фондот 2018-2020 година, оваа сума значително ќе биде во пораст и следните години. Така, во 2019 година за исплата на пензии ќе бидат потребни 917,7 милиони евра, а во 2020 година 968,5 милиони евра. Поточно, за две години, сумата потребна за редовна исплата на пензии ќе се зголеми речиси за 100 милиони евра.

Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ велат дека дефицитот во пензискиот систем во Македонија има тренд на пораст и во 2016 година достигнал 26,6 милијарди денари, или 43 проценти од вкупните расходи на Фондот, или 4,5 проценти од БДП, додека трансферите од централниот буџет се зголемија за 1,8 пат за период од десет години.

– Ваквиот тренд на пензискиот дефицит се должи на неколку фактори. Прво, настанаа структурни промени во поставеноста на пензискиот систем: транзиција од едностолбен во тристолбен систем во 2006 година и намалување на стапката на придонеси од 21,2 на 19 отсто во 2009 година и понатаму на 18 отсто во 2010 година, што заедно придонесе кон намалување на изворните приходи на фондот. На страната на расходите, во периодот 2006-2016 година, пензиите беа зголемувани во повеќе наврати, во износи што најчесто го надминуваа износот предвиден со законското усогласување – објаснуваат од „Фајненс тинк“.

Меѓународниот монетарен фонд, во извештајот за 2017 година, тврди дека зголемениот буџетски дефицит во изминатите години делумно се должи и на големиот пораст на пензиите и ја наметнува потребата од пензиска реформа, за фискална и пензиска консолидација.

– Клучни фактори што влијаат врз одржливоста на пензискиот систем, и тоа: демографските промени, движењата на пазарот на труд и усогласеноста на пензиите со потенцијалот на економијата, стареењето на населението, падот на стапките на фертилитет, зголемувањето на очекуваниот животен век, се дел од факторите што предизвикуваат притисок врз традиционално поставените пензиски системи да бидат одржливи, праведни и ефикасни – сметаат од „Фајненс тинк“.

Оттаму велат дека за да се постигне одржливост на пензискиот фонд, не треба да има ниту зголемување на пензиите надвор од законското усогласување, ниту воведување популистички мерки што ќе предизвикаат дополнителни оптоварувања на Фондот.
„Фајненс тинк“ направиле три симулации, од кои како најповолна се покажала онаа што предвидува товарот од реформата да биде споделен помеѓу генерации, преку комбинирани мерки од пораст на стапката на придонеси и границата за пензионирање.
– Притоа треба порастот да е скалест и постепен, а поместувањето на старосната граница да води сметка за вработените во трудовоинтензивните сектори и лицата со стаж подолг од 35 години – нагласуваат од „Фајненс тинк“.

Според анализата на институтот, првите ефекти од реформата би се почувствувале веднаш, а по пет години заштедите би се движеле околу 90 милиони евра годишно.
Претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров, нагласува дека проблемот со пензискиот фонд не е карактеристика само за Македонија и речиси не постои земја во светот што не е соочена со стареење на населението и недостиг од средства за исплата на пензиите.

– Карактеристиката на Македонија е што, покрај овие проблеми, во последниот период свесно, заради привлекување странски инвеститори, но и за субвенционирање нови вработувања во домашни фирми, се ослободуваат од плаќање придонеси компаниите и вработените, а никој за овие вработени не уплаќаше придонеси во фондовите. На овој начин не само што се зголемуваше недостигот од средства за исплата на пензиите денес туку се предизвикуваше и недостиг од средства за идните години, кога овие лица ќе исполнат право за пензија – истакна Димитров.|

Тој вели дека решенијата за оваа состојба се зголемување на старосната граница, зголемување на стапката на придонесот, зголемување на основицата, помала стапка на пораст на пензиите во однос на БДП и порастот на платите во стопанството.
– Моето мислење е дека едностраните решенија ќе елиминираат еден проблем, но истовремено ќе предизвикаат друг. На пример, зголемувањето на стапката на придонесот ќе ја намали конкурентната способност на домашните компании и ќе ги демотивира работодавците да отвораат нови работни места и негативно ќе влијае на стапката на невработеност. Зголемувањето на старосната граница ќе биде многу нехумано решение за вработените во земјоделството, градежништвото и некои преработувачки индустрии и ќе се случи вработените да не можат да дочекаат пензија, а повеќе од 40 години уплаќале придонес за пензиско и инвалидско осигурување. Затоа едностраните и едноставните решенија се погрешни – укажува Димитров.
Како што појаснува тој, потребно е добра анализа по сектори и да се направи комбинирано и сеопфатно решение што нема да биде исто за сите работници и за сите сектори.

– Потребата дел од средствата за пензионирање да се обезбедува од буџетот е неопходна и без тоа не се може. Но буџетот се полни од најразлични извори и овде постојат многу различни можности тој товар да се распредели поправично – смета претседателот на ОРМ.