Подобрување на односот производител-потрошувач, зголемување на довербата меѓу двете страни и поголема конкурентност на компаниите на домашниот и на странскиот пазар се придобивките од добивањето на сертификатот насловен „Фер со потрошувачот“.

Ова е целта на денешната промоција на проектот пред прилепските стопанственци за сертифицирање како гаранција за квалитетот на производите и услугите што им ги нудат на македонските потрошувачи.

Проектот се одвива во сите региони во Македонија, носители се асоцијациите „Зенит“ и „Креација“ и Организацијата на потрошували на Македонија. Ќе го спроведуваат 11 локални невладини организации со финансиска поддршка на Европската Унија.

Според Александар Николов од асоцијацијата „Зенит“ до крајот на летото сертификатот, во првата фаза од проектот, бесплатно ќе го добијат 46 македонски компании. Компаниите ќе добијат и софтвер за процесуирање и решавање на поплаките од потрошувачите за производите и услугите што ги добиваат.

– Сертификатот „Фер со потрошувачот“ ќе го издаваат 11 граѓански организации во Македонија кои се обучени да може да проверат дали производителите ги исполнуваат критериумите. Критериумите се засновани на меѓународниот стандард ИСО 26 000 и покриваат шест аспекти на однос спрема потрошувачот. Кога потрошувачите ќе видат знак „Фер со потрошувачот“ во просториите или на производите и услугите на некоја компанија, може да бидат сигурни дека таа компанија ќе се грижи да ги заштити нивните права и доколку настане проблем при користење на производот или услугата, ќе има постапка за спогодбено решавање. Сертифицираните компании добиваат и бесплатен план за подобрување на односот спрема потрошувачите – вели Николов.

Тој ги објасни шесте области во кои се најчести и поплаките на потрошувачите.

– Главните области се: информирање на потрошувачите за производите и услугите, дали се фер договорите што ги склучуваат потрошувачите со производителите, ги регулира гаранцијата, сервисирањето и техничката поддршка и едукацијата на потрошувачите. Најголемиот број поплаки до Организацијата на потрошувачите на Македонија се однесуваат на гаранцијата на производот и сервисните услуги, проблем е заведувачкото рекламирање на компаниите кои создаваат погрешна слика за производот и услугите како и неисполнетите ветувања на туристичките агенции – објаснува Николов.

Ваков сертификат веќе успешно функционира во Словенија и во Хрватска, вели Мартина Билјаноска од невладината „Агтис“ која е сертифицирана за спроведување на проектот во пелагонискиот регион.

– Замислата на целиот проект, кој се спроведува по региони во Македонија е да се подобри односот на нашите компании спрема потрошувачите, практиките да бидат успогласени со меѓународните стандарди и да се зајакне конкурентноста на компаниите на домашниот и на странскиот пазар – вели Билјаноска.

Според Ирена Јакимоска, косопоственик на прилепската компанија „Комфи Ангел“ и претседател на Регионалната стопанска комора во Прилеп, прилепските компании постепено ќе ги сфатат придобивките од проектот.

– Компанијата „Комфи Ангел“ несебично го прифаќа проектот и сертификувањето, зашто главен е купувачот. Ќе го иницирам проектот меѓу прилепските компании зашто интересот е за двете страни. Постепено ќе се вклучат компаниите, особено што ќе имаат полза од подобрувањето на односот со купувачите – рече Јакимоска.