Сертификат „Фер за потрошувачот“ добија 45 компании, кои имаат јасно дефинирани правила за заштита на безбедноста и здравјето на потрошувачите, со фер пазарни практики и спогодбено решавање поплаки и спорови, кои им ја штитат приватноста на потрошувачите и се грижат за влијанието на производите врз животната средина. Сертификацијата е финансирана од Европската Унија во рамките на проектот „Партнерство меѓу граѓанското општество и деловниот сектор – развивање иновативен модел за мобилизација на финансиски средства“, што го спроведуваат Организацијата на потрошувачите (ОПМ), ЗБК „Креација“ и асоцијацијата „Зенит“.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека министерството, како надлежно за заштита на потрошувачите, ги следи практиките на ЕУ и предложило мерки и инструменти во Програмата за заштита на потрошувачите за периодот 2019-2020 година со кои се опфатени поголем број институции за поддршка на граѓанските организации за информирање, едукација, советување и алтернативно решавање спорови со потрошувачите.

Претседателката на Организацијата на потрошувачи, Маријана Лончар-Велкова, вели дека сертификацијата означува дека компаниите се грижат за производите, за услугите, дека имаат фер практики кон потрошувачите, односно дека се грижат потрошувачите да бидат задоволни, а исто така дека обрнуваат внимание на производите да не бидат штетни за животната средина.

Сертификатот се издава од сертификациско тело, кое е креирано од трите организации со повеќегодишно искуство при заштита на потрошувачите и унапредување на конкурентноста на македонската економија.
Цената за сертификацијата е формирана според големината на компанијата. Министерството за економија преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемаштво надоместува 50 отсто од трошоците за сертификација на мали и на средни претпријатија.