Фото: Игор Бансколиев

Влијанието на кризата од ковид-19, но и политичката нестабилност во изминативе години имаат удел во намалувањето на странските инвестиции во нашата држава, иако и глобално тие се намалуваат за околу 40 отсто како резултат на пандемијата

По инвестицискиот бум во 2018 година, нашата држава константно бележи пад на странските директни инвестиции (СДИ), а со продлабочување на кризата предизвикана од ковид-19, директните инвестиции се во минус. Според податоците на Народната банка на Македонија, во вториот квартал од годинава странските инвестиции се во минус од околу девет милиони евра. Во текот на третиот квартал, вкупните директни инвестиции во земјата бележат нето-одливи од 5,4 милиони евра, како резултат на намалената реинвестирана добивка за 37,7 милиони евра, при зголемени инвестиции во меѓукомпанискиот долг и сопственичкиот капитал (за 24,1 и 8,2 милиона евра, соодветно).

Сепак, претседателот на Владата, Зоран Заев, неодамна истакна дека само во изминатите три години, 35 нови странски фирми, компании, инвестирале во нашата држава.
– Во 2018 година го надминавме рекордот на странски инвестиции, со 625 милиони евра странски нето-инвестиции, со девизен прилив во државата. Во 2019 година, над 300 милиони евра. Оваа година се случи корона-кризата, сепак имаме 12 директни странски инвестиции, кои се во фаза на реализација, на потпишување договори или во фаза на преговори. Една е инвестицијата на „Кромберт и Шуберт“, со сосема нов погон, инвестиција, дуплирање на сите капацитети низ територијата на целата држава. Дополнително, нова инвестиција е „Дура“, поголема од 100 милиони евра, „Магна“ во Струга, „Костел“ со втората инвестиција во државата и многу други странски компании – нагласи премиерот.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека кога зборуваме за странски инвестиции треба да имаме предвид дека како прилив или одлив на странски инвестиции се земаат и исплатената дивиденда на странските акционери како одлив и акумулираните добивки како прилив на странски инвестиции.

– Ова значи дека ако имаме исплата на дивиденди на странските инвеститори, тогаш имаме и намалување на капиталот што тие го вложиле или, пак, обратно, ако наместо исплата на дивиденда, се акумулираат добивките и се користат за зголемување на капиталот на постојната инвестиција, тоа се смета за зголемување на странските инвестиции – објаснува Димитров.
Тој додава дека во услови на пандемија желбата за инвестиции во нови објекти или опрема е многу мала и стравот од неизвесната иднина е пречка за развојот.

– Не верувам дека моменталната политичка состојба во Македонија е пречка за странските инвестиции, ваквата „напната“ политичка состојба трае со години. Но можеби странските инвеститори очекуваат некои нови поволности што ги имаа во минатото, а денес се ограничени. Во услови на пандемија тие користеа исти поволности и финансиска помош како и домашните компании и сметам дека тоа е во ред. Финансиската помош за пандемијата треба да биде иста без разлика на сопственоста на капиталот – странски или домашен – нагласи Димитров.
Странските инвестиции се многу важни за економскиот раст на земјата, смета Димитров, особено ако домашниот капитал е ограничен и домашните компании имаат ограничени можности за развој.

– Но сепак, треба да бидеме реални, тие наеднаш и за краток период не ја менуваат стопанската структура во земјата бидејќи во почетокот доаѓаа компании, кои, покрај финансиските поволности дадени од државата, користеа евтина работна сила. Затоа сметам дека помошта од државата треба да биде условена од видот на инвестицијата. Едно е да се инвестира во компанија што вработува едноставен мануелен труд и исплаќа ниски плати, а друго е да се инвестира во високотехнолошки развиена компанија, со голема додадена вредност и која исплаќа многу повисоки плати од просекот во земјата – појаснува Димитров.

Според него, во такви компании и вложувањето е многу поголемо, па и помошта ќе биде поголема, но значајно е да се почне со промена на структурата на нашето стопанство, кое ќе доведе до повисоки плати и поголем стандард на населението.
Бојан Србиноски од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ споменува дека странските инвестиции играат значајна улога во подигнување на економскиот раст.

– Странските инвестиции имаат позитивен импакт врз вработеноста, секторската и извозната диверзификација, воведувањето напредна технологија, зголемувањето на конкурентноста и креирањето човечки капитал. Од неодамна во објавените податоци на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони се забележува значајното учество на компаниите од ТИРЗ во вкупниот извоз, кое изнесува над 40 отсто, бројот на вработени изнесува над 14.000, а и значајно придонесуваат во покривање на увозот – појаснува Србиноски.

Во однос на влијанието на кризата од ковид-19 и политичката нестабилност врз приливот на странски инвестиции, тој вели дека двата фактора се релевантни.
– Учеството на странските инвестиции во БДП во 2017 година изнесуваше 1,8 отсто кога економијата се соочуваше со голема политичка нестабилност, значајно под просекот од последните пет години (од 3,4 отсто). Министерството за финансии предвидува дека тој процент оваа година ќе изнесува 1,7 отсто. Исто така, Светската банка предвидува дека странските директни инвестиции глобално ќе се намалат за околу 40 отсто, што се должи на пандемијата. Очигледно дека двата фактора имаат удел во намалувањето на странските инвестиции во нашата држава. Според анкетата на Светската банка, политичката нестабилност е значајна пречка и за домашните компании – нагласува Србиноски.