Фото: Игор Бансколиев

Сезонската работа, која во најголем обем се користи во секторот земјоделство, останува неформална, а тоа создава проблеми за работодавците и производителите, но и за институциите што треба да ги спроведат практиките на добро управување и да обезбедат услови за конкуренција, објаснуваат упатените

ПОРАДИ ПОКОНКУРЕНТНИТЕ МОЖНОСТИ ВО ЗЕМЈИТЕ НА ЕУ

Потребата за ангажирање сезонски работници во летните месеци е голема, но интерес за сезонска работа помеѓу невработените во Македонија нема. Сезонските работници најмногу трпат нивниот труд да биде непријавен и да бидат дел од неформалната економија. Работниците претпочитаат да работат сигурна работа, а не сезонска или, пак, да заминат во земјите од Европската Унија за поголем финансиски надоместок за својот труд како сезонски работник.
Директорот на агенцијата за привремени вработувања „Партнер“, Раде Ненадиќ, вели дека во Македонија веќе подолго време има дефицит од сезонски работници, и тоа најмногу во секторите земјоделство, преработувачка индустрија, градежништво, но и во други гранки што имаат сезонски карактер на работа.
– Причината се, секако, непријавената работа пред сѐ, но и ниските дневници, како и незаинтересираноста на невработените за овој вид работа. Компаниите што ги имаат пријавено сезонците и имаат солидни дневници, го немаат овој проблем со недостиг од работници – објаснува Ненадиќ.
Тој додава дека на работниците веќе им пречи да работаат непријавени, на црно, а особено не за дневници што изнесуваат околу 10 евра.
– Во одредени гранки се работи и по 12 часа, и тоа и за викенди и за празници за истата дневница. Додека, пак, во соседството и во земјите во Европска Унија бројките отсекогаш биле многу поголеми и поради тоа Македонците одат во странство за сезонска работа – споменува Ненадиќ.

Според претседателот на земјоделското здружение „Агрофаланга“, Љупче Станковски, недостигот од работната сила од сезонски карактер, особено во земјоделството, со години е проблем во Македонија, поради што доаѓа до нарушување на производството и преработката на храна.
– Во најголем дел, земјоделството користи сезонски работници, кои постојано се дефицитарни поради поконкурентните можности за ист вид работа во земјите-членки на Европската Унија, каде што, впрочем, заминуваат и Македонците, оставајќи ги домашните работодавци без работна сила – појаснува Станковски.
Тој додава дека сезонските работници најчесто својот труд го нудат во Италија, Шпанија, Германија и Велика Британија, но и во соседството.
– Мора да се имплементираат мерки што ќе помогнат да се намали одливот на сезонските работници во странство за време на сезонските интензивни берби. Вакви мерки почнаа да се креираат во државите во регионот, односно во Хрватска, Словенија, Србија и Бугарија – посочува Станковски.
Како што објаснува тој, новите сопственици на земјоделски површини се соочуваат со големи проблеми при проширувањето на насадите и навременото извршување на неопходните земјоделски активности, а тоа резултира и со зголемување на дневниците.

– Сезонската работа е тешка, се работи на високи температури, на сонце и ретко кој се нафаќа да ја извршува без соодветна дневница. Кај нас таа се движи околу 700 денари, во зависност од договорот за храна и пат. Кај лицата што се ангажирани редовно преку таканаречените изведувачи, тие се помали. За разлика откај нас, дневниците во побогатите држави се поголеми. Тие зависат и од работоспособноста на ангажираното лице, т.е. неговата брзина изразена во килограми или гајби. Во Грција дневницата беше околу 25 евра, но со настапувањето на кризата во нивното општество пред неколку години, економијата и бизнисот претрпеа големи промени и Грција како сезонска работна дестинација стана неатрактивна за нашите граѓани – истакнува Станковски.
Во анализа изработена од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) се вели дека е потребно евидентирање на ангажираните сезонски работници во земјоделскиот сектор.
– Сезонската работа, која во најголем обем се користи во секторот земјоделство, останува неформална, а тоа создава проблеми за работодавците и производителите, но и за институциите што треба да ги спроведат практиките на добро управување и да обезбедат услови за конкуренција. За овие работници државата не води евиденција бидејќи не се пријавени и притоа тие не ги уживаат работничките права што им следуваат на лицата што имаат засновано формален работен однос – се вели во анализата.
Таму се посочува дека по затворањето на границите низ Унијата, за време на пандемијата, од развиените земји стигнуваа дојави дека поради недостиг од сезонски работници во земјоделството голем дел продукти се оставени да скапуваат на земја, бидејќи нема кој да ги собере, истата состојба беше и во нашата земја.