Пред корона-кризата, домашните хотелиери и угостители очајнички се обидуваа да најдат или, пак, да задржат работници на сезонска работа во своите објекти, бидејќи многу од младите заминуваа на работа во странство каде што заработувачката беше многу помотивирачка. Сега, кога поради значително влошената состојба и во домашната и во глобалната економија во прашање се доведени и позициите на многумина од редовно вработените, за сезонците ретко кој и прашува

Сезонските работници во угостителството и во хотелиерството, и воопшто во туризмот, како и во земјоделството и во преработката на земјоделските производи, во и надвор од границите на земјава, се меѓу најпогодените во здравствено-економската криза предизвикана од ковид-19. Многу од мерките за сузбивање на вирусот беа насочени кон ограничувања и забрани за движење, групирање и за работа во посочените сектори, токму во периодите што важат за клучни за одредени дејности. Освен тие што туристичката или сезоната на засилени земјоделски активности ја користеа за да остварат некаков приход во земјава, голем број од овие работници што редовно заминуваа на печалба во странство годинава останаа дома, со што дополнително е влошена нивната и така лоша и неизвесна состојба.
– Ова е светска економска криза, а не само македонска. А тоа значи дека ние, во Македонија, ќе трпиме економски удари предизвикани поради негативните економски трендови во целиот свет. Дополнителен ефект од влошувањето на економската ситуација во другите земји е што имаше значително помалку можности за сезонска работа на нашите граѓани во западните земји. Тоа исто така се одрази негативно врз нивниот животен стандард. Има уште еден негативен ефект преку кој лошата економска ситуација во развиените економии се одразува кај нас. Во последните години важен издувен вентил на нашата економија беше иселувањето во странство. Тие наши граѓани во голем процент се вработуваа на прекарни, ризични работни места, кои исто како кај нас сега се на удар од кризата. Па, ако веќе не е почнат тој тренд, наскоро може да се зголеми бројот на луѓе што ќе почнат да се враќаат во нашата земја, бидејќи не можат да си дозволат да бидат невработени во развиените земји – посочува професорот Здравко Савески.

Секогаш први на удар

Тој истакнува дека и во Македонија, како и насекаде во светот, поради кризата, први на удар од истата таа се токму сезонските работници.
– Бројот на невработени во Агенцијата за вработување од почетокот на годината порасна за 43 илјади од почетокот на годината. И покрај тоа што јавноста е концентрирана на превработеноста во јавната администрација, постои недоволна вработеност во јавниот сектор. Она каде што тоа е највидливо е во инспекциските органи, кои на очиглед на целата јавност имаат недостиг од вработени. Државата не смее да го игнорира и директното создавање работни места во јавниот сектор, преку реалокација на вработените и преку нови вработувања – дополнува Савески.
Во изминатиот период, пред почетокот на корона-кризата, домашните хотелиери и угостители очајнички се обидуваа да најдат или, пак, да задржат работници на сезонска работа во своите објекти, бидејќи многу од младите заминуваа на работа во странство каде што заработувачката беше многу помотивирачка. Сепак, сегашната состојба во угостителско-туристичкиот сектор е значително влошена, така што и многумина од редовно вработените може да останат без работа поради намалените приходи.

Првиот човек на ХОТАМ, Крсте Блажески, појаснува дека за разлика од минатата година, или пред пандемијата, кога одвај успевале да најдат работници и кога постојано имале недостиг од сезонски работници во хотелиерско-угостителската дејност, овој период состојбата е сосема поинаква, бидејќи поради намалениот број гости многу хотели се затвораат.
– Во оваа состојба затворањето на големите хотели е неопходно, бидејќи дури и да имаме пет посетители, тие не се доволни да се покријат трошоците, туку напротив ќе бидат поголем трошок отколку затворањето на објектите. Оние што се вработени во хотелите ќе примаат плата, зборувам за пријавени работници, преку помошта што ја очекуваме од институциите за последните месеци од годинава – објаснува Блажески.

Невидливи во системот

Анализа изработена од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) насловена „Од сенка во видлив сезонски работник во земјоделството преку реформа на постапката за пријавување“ става акцент на големиот број ангажирани сезонски работници во земјоделскиот сектор и потребата од нивно евидентирање.
– Сезонската работа, која во најголем обем се користи во секторот земјоделство, останува неформална, а тоа создава проблеми за работодавците/производителите, но и за институциите што треба да ги спроведат практиките на добро управување и да обезбедат услови за конкуренција. Имено, во најголем дел земјоделството користи сезонски работници, кои постојано се дефицитарни поради поконкурентните можности за ист вид работа во земјите-членки на Европската Унија, каде што впрочем заминуваат и Македонците, оставајќи ги домашните работодавци без работна сила – се наведува во истражувањето.
Меѓу другото, е нагласено дека сезонската работа во земјоделството е привремена и зависи од годишните времиња, но за работниците е неопходна заради стекнување основни средства за живот, иако истата таа најчесто се врши во рамките на неформалната економија.

– За овие работници државата не води евиденција бидејќи не се пријавени и притоа тие не ги уживаат работничките права што им следуваат на лицата што имаат засновано формален работен однос. Работниците претпочитаат да работат во другите дејности заради подобрите услови за работа и повисоките примања. Во последната декада постои тренд работната сила да се пренасочува кон индустријата (особено кон компаниите од ТИРЗ), па затоа се јавува потреба од воведување флексибилен модел што ќе овозможи проширување на категоријата работници што може формално да биде ангажирана за вршењето сезонска работа. Дополнително, младите работници заминуваат во земјите од Европската Унија – се посочува во истражувањето.
Пролетва по затворањето на границите низ Унијата, од развиените земји стигнуваа дојави дека поради недостиг од сезонски работници во земјоделството голем дел од продуктите се оставени да скапуваат на земја, бидејќи нема кој да ги собере. Германија алармираше дека ѝ недостигаат дури 300 илјади сезонски работници за собирање земјоделски продукти, додека, пак, во Франција недостигаа 40.000 сезонци. Поради ова, германски Бундестаг есенва одобри продолжување на правила за Западен Балкан, со кои се овозможува граѓани од регионот да работат во Германија независно од формалните квалификации до 2023 година. Германските медиуми јавуваат дека најголема потреба од работна сила имало во градежниот сектор, логистиката, транспортот и во болничката и куќната нега.