Министерството за здравство соопшти дека е завршена фазата за поднесување понуди во рамки на отворената постапка за доделување договор за воспоставување јавно приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции.

Претстои период на евалуација на добиената документација од заинтересираните економски оператори, сѐ до избор на најповолен понудувач.

Од здравство информираат дека до денеска, преку Електронскиот систем за јавни набавки пристигнале понуди од два економски оператори, а постапката се спроведува согласно Законот за концесии и јавно приватно партнерство и Законот за јавни набавки, а врз основа на донесената Одлука на Владата за отпочнување постапка.

Во законскиот период од 29 март до 6 јуни годинава, вкупно 7 компании, домашни и меѓународни, изразиле интерес и подигнале тендерска документација за учество на овој отворен повик.

Оттаму наведуваат дека во периодот наменет за прашања и одговори, беа добиени прашања од економски оператори во врска со предметот на набавката и препораки за измени и подобрување на тендерската документација и истите уредно беа одговорени согласно предвидените рокови, а дел од препораките транспарентно беа прифатени и тендерската документација беше изменета. Евалуацијата на понудите, велат од министерството, ќе биде извршена во најкраток можен рок и согласно одредбите од Законот за јавни набавки, по што постапката ќе продолжи со електронска аукција која ќе се спроведе преку Системот за електронски аукции на Министерството за економија.

-По рангирањето и спроведената електронска аукција како последна фаза од постапката, Комисијата треба да донесе Одлука за избор на најповолниот понудувач – приватен партнер за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции- информираат од Министерството.