Ваков драматичен дневен пад на цените на нафтата од над 30 отсто на глобалното ниво не е регистриран уште од јануари 1991 година, кога почна првата војна во Заливот. Во Македонија, со вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, цените на нафтените деривати беа намалени за 3,42 отсто

Драстичен пад на цената на нафтата од над 30 проценти е забележан на глобалниот пазар поради ширењето на коронавирусот. Според пишувањата на светските медиуми, на лондонската берза падот бил 31,5 процент, додека пак на американскиот пазар цената на барел се намалила за 32 проценти. Ваков драматичен дневен пад на цените на нафтата не е регистриран уште од јануари 1991 година, кога почна првата војна во Заливот и кога цените паднаа за 33 проценти.
Во Македонија, со вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, цените на нафтените деривати беа намалени за 3,42 отсто во споредба со досегашното ниво. Дали последниот остар пад на цените на нафтата на светските берзи ќе се одрази на следната одлука на регулаторот, останува да видиме. Цените на бензините, освен врз граѓаните, голем удел имаат и врз економијата. Како што веќе бевме сведоци, секое покачување на цените на нафтените деривати се одразуваше и врз цените на производите во малопродажба.
– Цената на горивото опфаќа најмалку 45 отсто од трошоците што се прават при превозот во патниот сообраќај. Од 2009 година почна креирањето високи цени на нафтените деривати на светско ниво со планирани „недостатоци“, што директно влијаеше на профитабилното работење во оваа дејност, а индиректно и на цените на производи што се превезуваат. Тоа доведе до намалување на цените за превоз, наместо истите тие да растат сразмерно со трошоците на работење – посочи Билјана Муратовска од „Макам-транс“.
Со најновата одлука на регулаторот, цените на еуросупер 95 се намалуваат на 62 денари за литар бензин, додека за еуросупер 98 на 64 денари. Во рамките на овие цени се вклучени и трошоци за акциза, данок на додадена вредност, надомест за задолжителни резерви…
– Намалувањето на цената за горивото ќе влијае на подобрување на финансиската состојба на превозните трговски друштва ако не дозволат друг да им диктира цена по која ќе вршат превоз. Цените за превоз на стока во нашата држава паѓаат и поради преголемиот број лиценцирани товарни моторни возила. Нелојалната конкуренција директно влијае на цените на превоз и на борба за опстанок на пазарот. За да се надминат овие проблеми, мора да се воспостави национална стратегија за транспорт што ќе ги опфати и приватниот и јавниот сектор на ниво на државата со воведување стимулативни мерки за исклучување на енормно застарениот возен парк, како и негова обнова во согласност со бројот на жители – дополни Муратовска.

Првиот човек на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, истакна дека цените во земјава не се формираат како на светските берзи во согласност со потребите и потрошувачката.
– Падот на цените на светските берзи е резултат на глобалните случувања и на намалената потреба од нафтата. Но кај нас економијата не е засегната во толкава мера како на светско ниво, па затоа нема таков одраз и врз цените на нафтата. Кога и кај нас ќе има затворање на училишта, стопирање на вообичаените економски текови, можеби и тука ќе паднат цените. Останува да видиме како ќе се одвиваат работите – вели Бошков и додава дека со пад на цената на нафтата, компаниите би имале еднократна бенефиција, но и дека расте опасноста од загуби со ширењето на епидемијата.

Последното намалување на цените на нафтата на светските берзи се должи и на одлуката на Саудиска Арабија да ја намали продажната цена на нафтата за испораката во април. Ова следуваше откако Русија го одби предлогот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) за дополнително намалување на производството на нафта. Доскорашните сојузници, предводени од Русија, долго време се придржуваа кон договорите за намалување на производството заради одржување на цените на нафтата. Во последниве недели тие беа под дополнителен притисок поради ширењето на коронавирусот и забавувањето на глобалната економија, а со тоа и на побарувачката за нафта.