Свежо разладено македонско јагнешко месо првпат по 23 години, со авионски карго-транспорт, е извезено во Јордан. Станува збор за извоз на 2.000 јагниња, откупени од домашните одгледувачи на овци, кои со авионски транспорт завчера доцна попладне беа извезени во Јордан.
– Овој извоз го најавивме уште пред два месеца, барајќи алтернативни пазари за извоз на јагнето и за решавање на кризата за извозот на јагнето поради пандемијата од вирусот ковид-19 и ја остваривме целта. По 23 години, денес повторно македонското јагне се извезува во Јордан. Околу 30 тони свежо разладено македонско јагне заминува на пазарот во Јордан – изјави министерот за земјоделство Трајан Димковски.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, посочи дека со отворањето на пазарот во Јордан, се отвораат нови пазари не само за јагнето туку и за другите македонски земјоделски производи.

– Преговорите со надлежните служби од Јордан почнаа уште на почетокот на годината. Успешно ги завршивме со усогласување на здравствено-ветеринарниот сертификат за извоз на македонско јагне во Јордан и, еве, започна првиот извоз. АХВ и понатаму останува посветена да работи на отворање нови пазари и да ги договара со странските земји здравствените гаранции за македонското јагне – истакна Атанасов.
Поради пандемијата предизвикана од ковид-19, годинава извозот на јагниња се одвива со намален интензитет, особено на традиционалните пазари.

Од почетокот на сезоната за извозот на јагне, МЗШВ и АХВ беа во постојана комуникација со амбасадите, откупувачите и одгледувачите на јагне за да најдат пазари за македонското јагне. Поради кризната ситуација, за да им се помогне на одгледувачите на овци, МЗШВ ја зголеми вкупната финансиска поддршка за женско јагне на 2.500 денари по грло. .