Светска банка го поддржува воведувањето прогресивно оданочување и смета дека тоа ќе ги зголеми приходите и ќе ја подобри еднаквоста. Во анализата „Прогресивност и еднаквост во оданочувањето на личните приходи“ се вели дека со рационализирањето на даночните ослободувања и воведувањето прогресивност во оданочувањето на личните приходи ќе се зголемат приходите во буџетот и ќе се подобри еднаквоста во Македонија.

Во објавената анализа, банката наведува дека Македонија одржувала ниски даночни стапки и нудела даночни стимулирања за привлекување странски директни инвестиции што, според нив, имало голема фискална цена.
Во согласност со анализата, државните приходи во Македонија, како удел во БДП, не само што се меѓу најниските во Европа, туку и се намалувале во последните 10 години. Во 2017 година, тие биле 31 отсто од БДП, додека просекот на Европската Унија е 45 отсто.

– Зголемувањето на прогресивноста на персоналниот данок на доход, би резултирало со прибирање поголем дел од приходите од богатите отколку од сиромашните. Со оглед на тоа дека 98 отсто од даночните обврзници заработуваат помалку од 720.000 денари годишно, релативно високиот праг на приходи би донел придобивки како во делот на приходите така и во еднаквоста – се вели во анализата на Светска банка.
Оттаму додаваат дека бидејќи имаат мал придонес во приходите, Македонија има простор за зголемување на нејзините директни даноци.

– Персоналниот данок од доход, данокот на добивка и даноците на имот во 2017 година, заедно сочинуваа 4,5 отсто од БДП, што е значително помалку отколку во споредбените европски земји. Нешто повеќе од половината доаѓаше од ПДД, наспроти просечните 3,7 отсто во Западен Балкан и 9 отсто во ЕУ – стои во анализата.
Според Светска банка, јавните приходи во земјава се намалувале главно поради две причини, поради намалување на стапките на персоналниот данок од доход и поради воведување на ослободувања, вклучително и за странските инвеститори. Овие промени за привлекување на инвеститорите и за промовирање на формалното регистрирање на неформалните активности, според банката, имале различно влијание.
Надлежните од банката истакнуваат дека земјата имала успех во намалувањето на невработеноста, но тие ослободувања ја намалиле даночната основа и создале нееднаков терен за работа на бизнисите.