Фото: Маја Јаневска-Илиева

Малите и средните фирми немаат доволно средства за да ги следат технолошките промени што ги бараат странските инвеститори, а темпото на развој се забрзува, затоа се потребни средства од европските фондови

Соработката меѓу македонските и странските компании во земјава е многу мала, но се прават напори таа да се зголеми. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на вчерашната дебата организирана од институтот за економски истражувања и политики „Фајнeнс тинк“ истакна дека е незадоволен од резултатите од оваа соработка и додаде дека голем дел странски инвеститори не можат да набавуваат производи или суровини од македонските компании доколку не им биде дозволено од крајните купувачи.

– Владата прави напори оваа соработка меѓу домашните и странските компании во земјата да се зголеми преку помош за набавка на македонските компании соодветна технологија и знаење. Додека третата компонента што се однесува на организација на производството и контрола на квалитетот зависи од самите сопственици на македонските компании – нагласува Анѓушев.

Тој вели дека до крајот на годината Владата на Република Македонија преку помошта што се обезбедува со Законот за финансиска поддршка на претпријатија и преку програмите на Фондот за иновации ќе обезбеди поддршка за над 250 компании, за тие да направат технолошки исчекор.

Анѓушев најави дека парите за помош за купување технологија во согласност со Законот за финансиска поддршка на претпријатијата треба да бидат исплатени до крајот на годината. Средствата за поддршка на македонските компании се зголемени и во буџетот за следната година.

Вицепремиерот смета дека голем простор за соработката на странските и на домашните компании има во делот на производство на готови производи.

Од „Фајненс тинк“, кој ја организира вчерашната дебата, повикувајќи се на анализа што ја подготвиле неодамна, посочуваат дека постои соработка помеѓу домашните мали и средни претпријатија со мултинационалните компании во земјата, но таа во голема мера е зависна од можноста на македонските компании да најдат локални доставувачи и производи и од нивната политика за набавка.

– Само 10 отсто од вкупните обврски на мултинационалните компании се кон домашните претпријатија. Околу 37 отсто од македонските компании се изјаснија дека соработуваат или имаат соработувано со странски компании во земјава. Најголем дел од оваа соработка се одвива во делот на давање услуги – вели Деспина Тумановска од „Фајнeнс тинк“.

Според неа, околу 61 отсто од мултинационалните компании кажале дека купуваат услуги од домашни компании, додека само 30 отсто можат да најдат суровини за своето производство во земјава, а 61 отсто од странските компании рекле дека не можат да најдат опрема и машини.

На дебатата учествуваа и претставници на македонски компании што соработуваат со странските фирми во земјава. Како што вели Маријана Ангеловска од „Ариљеметал“, малите и средните фирми немаат доволно средства за да ги следат технолошките промени што ги бараат странските инвеститори.

– Темпото на развој се забрзува, а мерките на Владата не се доволни за да се фати моментот. Затоа се потребни средства од европските фондови – нагласува Ангеловска.
Борјан Борозанов од „Аптив Македонија“ вели дека на соработката се гледа како на бизнис-интерес што треба да се развие и дека треба да се работи на нејзино продлабочување.

Во својата анализа „Фајнeнс тинк“ препорачува мерки за подобрување на процесот на стандардизација, за стимулирање на производството на суровини и за понатамошно намалување на царинските давачки и поедноставување на царинските процедури за увоз. Препораки има и за домашните и за странските компании.

Фото: Маја Јаневска-Илиева