Македонија има стар возен парк, со просечна старост на возилата од 18 години. Половина од регистрираните возила користат дизел-гориво, додека од 218.544 возила со бензински погон, пренаменети на гас и метан се само 12 илјади возила, или само 2,6 проценти од возилата.

Владата најави субвенции за инсталирање уреди на гас во возилата, но предвидува да бидат искористени само за 1.200 возила.

Даме Димитровски, професор на Машинскиот факултет и раководител на Лабораторијата за мотори и горива, нагласува дека транспортот не е главен фактор за цврсти честички ниту во Скопје ниту во другите градови, но дека сепак нешто треба да се воведе во врска со емисиите на возилата.

– Некаков систем во кој ги промовираме зелените возила треба да направиме, па макар и ваков систем со лепенки, со кој, без разлика колку некој вистински загадува, бидејќи не знаеме колку километри поминува, ставаме лепенка и го ограничуваме каде смее да вози во градот. За почеток може да се направи полабаво ограничување, така што еуро 4, 5 и 6 треба да се зелена лепенка, а да се промовираат возила на ТНГ и метан, што секако ќе добијат зелена лепенка – вели Димитровски.

Во однос на најавените субвенции за монтирање уреди на гас во возилата, Димитровски смета дека со конверзија на гас може да се очекува одредено намалување во емисијата од возилата речиси по сите параметри.

Во тој контекст посочува дека одлуката на градот Скопје да купи гасни автобуси е за поздрав, затоа што емисијата од нив е нула цврсти честички, има инфраструктура за полнење, има сервисери и може да ги користат веднаш откако ќе ги купат.

– Електричните автобуси не се лоши, но за нив немаме инфраструктура и можеби треба постепено да ги носиме. Ќе треба доста време за да се замени тоа што ЈСП сега го има како возен парк – изјави Димитровски.

Многу е јасно дека дизел-технологијата е повалкана од ото-технологијата, затоа што користи потешко гориво, но, од друга страна, дизеловиот циклус дава поголема моќност.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули најави и субвенции за електрични и хибридни возила, како и субвенции за течен нафтен гас или метан. Со програмата за субвенционирање за купување нови хибридни и електрични возила се предвидуваат субвенции од 5.000 евра во денарска противвредност за набавка на електрични возила, а 3.000 евра во денарска противвредност за набавка на хибридно возило, а во првата година се предвидува да бидат доделени субвенции за 200 возила.