Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните се жалат на двојно зголемени сметки за електрична енергија, надлежните посочуваат дека со закон е одредено броилата да се читаат еднаш годишно, но дека и самите потрошувачи може да ги пријавуваат потрошените количества кај снабдувачот

Група граѓани се пожалија на драстично повисоки сметки за електрична енергија што им пристигнале за минатиот месец. Според нивните кажувања, во соседството сите имале многу различни сметки од оние на кои се навикнале, истакнувајќи дека им биле двојно, па и тројно повисоки од претходните.

– За август сметката беше дупло поголема отколку за претходните месеци. Се обратив во пунктот на ЕВН, од каде што ми беше посочено дека тоа се должи на фактот дека сега бил прочитан саатот. Како досега испраќаа сметки и на што претходно ја темелеа висината на износот што го наплаќаа – прашува Тамара Перковска од скопската населба Ново Лисиче.

Таа додава дека вакви сметки имале сите во нејзината зграда, но и во соседните, и истакнува дека особено е проблематично што високите сметки пристигнале во месец кога имаат зголемени трошоци, особено семејствата со мали деца што одат во училиште.

– Месецов имаме многу повисоки трошоци, треба да се купи сѐ што им е потребно на децата за на училиште, па повисоките сметки за струја ни беа неочекуван и голем удар на семејниот буџет – истакнува Перковска.

Претставниците на ЕВН посочуваат дека, иако според законот се обврзани да ги читаат саатите за потрошена електрична енергија еднаш во годината, сепак, тоа го прават секој месец, со евентуални отстапки.

– И покрај тоа што со Законот за енергетика, мрежните правила и правилата за снабдување е пропишано отчитувањето на броилата да се извршува еднаш годишно, екипите на „Електродистрибуција“ тоа го прават секој месец. Со тоа корисниците ќе имаат можност да добијат точни податоци за потрошувачката. Врз основа на податоците за потрошувачка што се добиваат при отчитувањето на броилата, секој месец се подготвува фактура за секој корисник поединечно – објаснуваат од ЕВН.
Од компанијата додаваат дека отстапка од овој работен процес се прави само во два случаи, ако броилото не може да се отчитува поради тоа што корисникот е отсутен, спречување на екипите за отчитување од страна на корисникот, непристапност до мерното место поради тешки временски услови, годишни одмори итн.
Од „Електродистрибуција“ додаваат дека никогаш нема да се наплати повеќе од она што го има потрошено корисникот.

– Ако корисникот нема отчитано броило и добие сметка со претпоставени вредности во кои има повеќе или помалку киловат-часови, тие во следната сметка ќе бидат впишани или одземeни. Корисниците што сметаат дека добиле фактури за електрична енергија со повисока сума од нивната потрошувачка, може да ја споредат потрошувачката во киловат-часови наведена на фактурата со потрошувачката на броилото. Доколку има разлика, корисниците може да се обратат до службите на „Електродистрибуција“ со барање за корекција – додаваат од ЕВН.

Во согласност со правилата за снабдување со електрична енергија за потрошувачите приклучени на низок напон без вграден мерен уред за регистрирање едновремена врвна моќност или за потрошувачите со мерни уреди со вграден уред за регистрирање едновремена врвната моќност, кај кои врвната моќност не се фактурира, операторот на електродистрибутивниот систем, „Електродистрибуција (ОДС)“ врши отчитување на мерните уреди еднаш во текот на годината. За другите категории приклучоци утврдени во тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија отчитувањето се врши на почетокот на секој календарски месец.

– Категоријата потрошувачи-домаќинства се приклучени на низок напон и кај нив не се фактурира врвна моќност. Имајќи го предвид ова, ОДС кај потрошувачите-домаќинства може да ги отчитува мерните уреди најмалку еднаш годишно – објаснуваат од Регулаторната комисија за енергетика.

Регулаторот додава дека има исклучок со кој отчитувањето на мерните уреди може да се врши и повеќепати во текот на пресметковниот период, кога е тоа потребно поради промена на тарифата за дистрибуција на електрична енергија или кога потрошувачот доставил приговор на фактурата. За потрошувачите што ги снабдува универзалниот снабдувач е утврдено дека периодот за кој се пресметуваат надоместоците е еден месец, но не мора да биде идентичен со календарскиот месец.

Појаснуваат дека отчитувањето на мерните уреди го спроведува ОДС во зависност од капацитетите што ги има на располагање. За да не се случи да има повисоки сметки за електрична енергија од вообичаените, во правилата е овозможено снабдувачот да ги прифати податоците од самоотчитувањето на мерните уреди од страна на потрошувачот за пресметковниот период во кој ОДС не извршил отчитување. Поради овие одредби, регулаторите истакнуваат дека потрошувачите кај кои ОДС ги нема отчитано мерните уреди може самостојно да ги отчитаат и да ја пријават состојбата кај снабдувачот со електрична енергија ЕВН ХОМЕ.

– Ако ОДС од која било оправдана причина не успеал да изврши отчитување на мерниот уред во предвидениот рок, пресметката на потрошената електрична енергија за тековниот пресметковен период ќе се изврши збирно со пресметката за потрошената електрична енергија во наредниот пресметковен период. Во овој случај, ОДС има право да изврши процена на потрошувачката и процената да ја достави до снабдувачот. Точната пресметка и соодветното порамнување во овој случај ќе се извршат кога ќе се создадат услови за отчитување на мерниот уред – истакнуваат од РКЕ.