Редиците пред банкоматите во главниот град на Ел Салвадор станаа вообичаена појава по усвојувањето на криптовалутата биткоин како законско средство за плаќање, во обидот на Салвадорците да подигнат долари. Многумина се обидуваа да ги уновчат биткоините во вредност од 30 долари што ги добија од владата, но банкоматите честопати престануваа да функционираат. А претставник на власта призна дека секој трет Салвадорец успеал да подигне пари од банкомат, пишува „Фајненшл тајмс“.

Со избрзаниот план на претседателот Најиб Букеле, Салвадор стана првата држава која го усвои биткоинот како средство за плаќање, во рамките на храбриот монетарен експеримент кој со големо внимаие го следат банкарите и криптоентузијастите.

Разните бизниси, од продавниците, до рестораните и фризерските салони, се должни да го прифаќаат биткоинот, покрај доларот, како средство за плаќање. Салвадорските власти воведоа и биткоин-паричник наречен „Чиво“, со почетна сума во вредност од 30 долари. Неговите корисници вршат исплата преку скенирање на кјуар-кодот.

Но иницијативата е критикувана од економистите, Меѓународниот монетарен фонд и од агенциите за кредитен рејтинг кои сметаат дека ваквата практика ја загрозува економската стабилност и ги става потрошувачите на ризик, а ја изложува власта на потенцијално големи промени во стапките на размена.

Се наведува дека воведувањето на дигиталната валута во централноамериканската држава со 6,5 милиони жители не се одвива лесно, поради протестите во главниот град Сан Салвадор и проблемите со функционирањето на електронските апликации за нејзино користење. Многумина ги подигнуваат во кеш средствата од дигиталниот паричник наместо да ги трошат за купување во продавниците, како што предвидуваше владата. Мултинационалните компании во Салвадор уште не го прифаќаат биткоинот како средство за плаќање, а повлекувањето од банкоматите стана ограничено, заклучува „Фајненшл тајмс“.