Фото: Принт-скрин

Експериментот на претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, со усвојување на биткоинот за официјално средство за плаќање не поминува добро, но амбициозниот млад политичар сака да го спаси проектот со идејата за подигање на првиот биткоин-град, пишува „Форин полиси“.

Повеќе од 91 отсто од Салвадорците претпочитаат долари во однос на најпопуларната светска криптовалута. Системот за плаќање „Чиво“ се покажа како нестабилен по неговото воведување во септември. Оние што решија да го користат „Чиво“ беа мотивирани од бонусот од 30 долари што следува со регистрација, но потоа го отфрлија со што примената на владината апликација не заживеа. Владата набргу престана да го промовира „Чиво“ кој претставува своевиден дигитален паричник.

Нестабилната вредност на биткоин, пак, ја ценеа само оние што тргуваа со криптовалутата на дневно ниво. Истовремено во државата беа организирани протести против користењето на биткоин.

На Букеле му останаа финансиските проблеми. Салвадор не може да печати долари, па претседателот треба да најде дополнителни извори на пари. Меѓународниот монетарен фонд не го одобри неговото барање за заем од милијарда долари, а изрази и силна загриженост за биткоин-експериментот.

Па Букеле минатиот месец го најави планот за изградба на првиот светски „биткоин-град“ инспириран од градовите основани од славниот војсководец Александар Македонски, зацврстувајќи ја определбата кон најпопуларната светска криптовалута со цел да привлече инвестиции. Тој откри дека е предвидено градот да биде во источниот регион на Ла Унион, каде што ќе добива геотермална енергија од вулканот во близина.

– Инвестирајте тука и заработете ги сите пари кои ги посакувате. Ова е потполно еколошки град енергизиран од вулкан – порача Букеле.

Споредувајќи го неговиот план со градовите основани од Александар Македонски, Букеле кажа дека биткоин-градот ќе биде циркуларен, со аеродром, со станбени и комерцијални зони, а ќе има и централен плоштад кој ќе наликува на симболот за биткоин.

Ако сакате биткоинот да се шири низ светот, треба да изградиме александрии (термин за градовите основани или преименувани од Александар Македонски – н.з.), кажа Букеле.

– Ако Букуле се задржи на власт, корисниците на биткоин ќе сфатат дека тој ги земал нивните пари. Ако ја загуби власта, неговиот наследник нема да има интерес за пропаднатите биткоин-планови. Кое било сценарио ќе разочара многумина корисници на биткоин бидејќи националната економија не може да функционира на нестабилните криптовалути кои не можат да се користат како платежно средство. А вистинските жртви ќе бидат 6,5-те милиони Салвадорци – заклучува „Форин полиси“.

Останува да се види дали Букеле ќе успее во намерата за подигање на „биткоин-градот“ и за остварување на амбициозните планови наспроти песимистичките предвидувања на неговите критичари.