Американската економија е во рецесија, соопшти Националното биро за економски истражувања (НБЕР) со што го означи крајот на најдолгата економска експанзија во историјата на САД. Според финансиската интернет-страница Market Watch, НБЕР е приватна истражувачка група предводена од главните економисти во земјата и одамна се смета за официјален арбитар за проценка кога започнуваат и завршуваат одредени деловни циклуси.

Одборот на НБЕР објави дека рецесијата започнала во февруари. Според широката дефиниција на тоа биро, рецесијата е „пад на економската активност што трае повеќе од неколку месеци“.

– При донесување на одлуката за прогласување на рецесија, одборот го проценува степенот и времетраењето на падот на економската активност, како и дали падот е пријавен во различни сектори. Одборот признава дека пандемијата и одговорот на јавното здравство резултирале со различен пад – соопшти НБЕР.

Бруто домашниот производ во САД паднал за 4,8 отсто во првите три месеци од годината, невработеноста се зголемила од 3,5 отсто во февруари на 14,7 отсто во април за да падне во мај на 13,3 проценти.

Изненаден и голем шок од пандемијата на коронавирусот и мерките на затворање со цел нејзино сузбивање доведоа до сериозен пад на глобалната економија. Според Светската банка, оваа година ќе дојде со сериозен пад на глобалниот раст за 5,2 отсто. Тоа би претставувало најлабока рецесија од II.светска војна, при што најголемиот број од економиите ќе доживеат пад на производството по глава на жител од 1870 година навака, се вели во најновиот извештај на Светската банка.