Сагата на компанијата „Диди Глобал“, го зголеми ризикот за светските инвеститори кога станува збор за вложувањето во најголемите кинески технолошки фирми, додека Кина се обидува да стекне контрола врз еден од највредните државни ресурси – податоците, пишува „Блумберг“.

Компанијата „Диди“ го контролира речиси целиот пазар за споделување превоз во Кина. Со излегувањето на берзата во САД, „Диди“ продаде 317 милиони акции, што е за околу 10 отсто повеќе од првичниот план. Но, кинескиот регулатор на сајберпросторот објави дека ја разгледува работата на компанијата врз основа на прашањата за националната безбедност. Два дена подоцна регулаторот соопшти дека компанијата починила сериозни прекршоци во собирањето и употребата на личните податоци. А потоа нареди отстранување на апликацијата на „Диди“ од продажба во продавниците за апликации.

Вредноста на „Диди“ за инвеститорите ја претставуваше токму големото количество на осетливи податоци од 500-те милиони корисници, од кои поголемиот дел се од Кина. Кинеските власти, пак, во изминатата година се обидуваат да стекнат контрола врз податоците за да ги заштитат корисниците од можна злоупотреба, како и да најдат начин за нивна употреба за поттикнување на економскиот развој.

Кинескиот регулатор сугерираше „Диди“ да ја одложи продажбата на акции, неколку недели пред излегувањето на берзата, со цел да биде проверена безбедноста на мрежата на компанијата, како што извести „Волстрит џурнал“. „Диди“ преку соопштение истакна дека компанијата не била запознаена со одлуката на регулаторот за отстранување на апликацијата од продажба.

Технолошкиот гигант „Диди“ забележа подем прекуноќ, а со продажбата на акциите на американската берза, компанијата го заобиколи обемниот процес на одобрување од страна на кинеските регулатори.

– Пекинг не е задоволен кога гледа како неговите национални шампиони им се приближуваат на странските инвеститори. Исто така, сака технолошките компании да ги задржат податоците и алгоритните во Кина – вели аналитичарот Сијаоменг Лу.

Дел од проекциите покажуваат дека Кина ќе поседува третина од светските податоци до 2025 година, што може да и овозможи голема натпреварувачка предност на полето на вештачката интелигенција кое ќе биде клучно во модерната економија. А геополитичкиот влог исто така е висок додека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден разгледува кои податоци да ги ограничи од Кина, додека Пекинг има слични грижи за неговите ривали.