Фото: Игор Бансколиев

Домашните експерти укажуваат дека како земја располагаме со домашен нискоквалитетен јаглен од 30 до 50 милиони тони што може да снабдуваат до два блока во термоцентралата во Битола. Поради ова, посочува професорот Антон Чаушевски, опцијата на Македонија е максимално искористување на капацитетите во РЕК „Битола“ во зависност од нивната кондициска подготвеност и снабдувањето со јаглен, и тоа со снабдување со два блока до 2030 година, а потоа со еден блок до 2040 г. Исто така исклучително е значајно изградбата и развојот на обновливите извори на енергија (ОИЕ) да одат во координација со конвенционалните извори, како термоцентрали и големи хидроцентрали. Ова е важно за да не се доведе во критична функционалност електроенергетскиот систем поради несоодветен однос во енергетскиот микс на технологиите за производство на електрична енергија

Фосилните горива повторно во фокусот на големите светски сили

Додека расте бројот на азиските земји што најавуваат целосно отфрлање на фосилните горива како енергија (се разбира, вклучувајќи го и јагленот), Русија има сосема спротивни планови. Официјална Москва смета дека „зелената агенда“ на Европската Унија во себе нема конзистентност како реална глобална политичка платформа и поради тоа нема големи шанси за успех. Поради овие причини, официјална Москва зазема дијаметрално спротивен став. Имено Русија, која традиционално е еден од најголемите извозници на јаглен во светот, наместо да креира компатибилни политики со „зелената агенда“ и да ги затвора своите рудници за јаглен, откажувајќи се од какви било инвестиции во овој сегмент во енергетскиот сектор, таа го прави токму спротивното од Западот (особено на САД) и интензивно инвестира во производството на јаглен. Всушност, проекциите на Русија се заосновани на нивните истражувања, кои покажуваат дека „побарувачката за јаглен во светот нема да се намали!“

Доналд Трамп имал идентично мислење на оваа тема со Владимир Путин

„Геополитика“ во своја анализа укажува дека е започнато затворање на производството на јаглен во многу западни земји, како на пример Германија, а истото тоа ќе мора да го стори и Полска поради членството во ЕУ, чија индустрија на јаглен обезбедува дури 200.000 работни места. Русија се надева дека ќе остане една од малкуте светски земји извозници на јаглен и дека на тој начин ќе може да ги креира цените и да обезбедува дополнителни големи извори на приход, анализира „Геополитика“.
Во анализата на Ирина Метер се посочува дека дури и поранешниот американски претседател Доналд Трамп имал речиси идентично мислење на оваа тема и, спротивно на здруженијата за заштита на животната средина, одлучил да продолжи производството на ова фосилно гориво. Во оваа насока, истата анализа посочува дека Путин е на спротивна страна по ова прашање од западните политичари и ја позиционира Русија на третото место на листата на земји извознички на јаглен во светот, инвестирајќи огромни финансиски средства во секторот.
– Транзицијата на светот кон обновливи извори на енергија, т.н. енергетски пресврт, ќе пропадне, што ја прави Русија единствен извозник на јаглен, со најголеми резерви во светот. Во таква ситуација, Русија ќе го диверзифицира својот систем на продажба на природни ресурси и, покрај нафта и гас, ќе заработи многу пари и од јаглен, како единствен преостанат извозник – пишува „Геополитика“ и додава дека цените на јагленот растат последните месеци.

Македонија нема голем избор за енергетскиот развој како опции за енергетско снабдување

Домашните експерти посочуваат дека секоја земја бара и наоѓа свои решенија за развој на енергетскиот сектор и истакнуваат дека Русија е неспоредлива со другите земји благодарение на богатството на енергенти.
– Секоја земја сама наоѓа решенија за развој на енергетскиот сектор во зависност од многу фактори, пред сѐ, економската моќ и развиеноста на земјата, пристапноста до енергетски ресурси, географската локација, метеоролошките услови, социјалниот аспект, човечките ресурси, технолошкиот развој и многу други. Русија е неспоредлива од енергетски и економски аспект со другите земји, затоа што има неисцрпно богатство од фосилни горива (нафта и гас), како за сопствени потреби така и за извоз во Европа и во Азија – објаснува универзитетскиот професор Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Чаушевски дополнува дека за разлика од Русија, Македонија нема голем избор за енергетскиот развој како опции за енергетско снабдување.
– Располагаме со домашен нискоквалитетен јаглен од 30 до 50 милиони тони што може да снабдуваат до два блока во термоцентралата во Битола. Опцијата на Македонија е максимално искористување на капацитетите во РЕК „Битола“ во зависност од нивната кондициска подготвеност и снабдувањето со јаглен. Опцијата со снабдување со два блока може да биде до 2030 година, а потоа со еден блок до 2040 г. Во меѓувреме на располагање како опција е изградба на една или повеќе нови централи на природен гас на локации погодни според топлинскиот конзум и електроенергетската мрежа. Со постојниот гасовод од Бугарија и новиот планиран од Грција, капацитетот би бил до две милијарди метри кубни годишно што во електрична енергија е од седум до осум милијарди киловат-часа, колку што се денешните годишни потреби од електрична енергија во Македонија. Колку од тоа ќе се искористат во гасни комбинирани централи зависи од развојот на енергетскиот сектор – објаснува професорот Чаушевски.

Откажувањето од јагленот не може да биде прекуноќ, а развојот на
обновливите извори на енергија (ОИЕ) треба да е во координација со конвенционалните извори

Што се однесува, пак, на развојот на обновливите извори на енергија (ОИЕ), каде што влегуваат фотоволтаици, ветерни централи, мали хидроцентрали и централите на биомаса, процес што, како што посочува професорот, непречено се одвива и во следните пет до 10 години се очекува голема експанзија на овие технологии, до 500 мегавати вкупно што, истакнува тој, е значајна бројка и речиси иста инсталираност како големите хидроцентрали.
– Меѓутоа изградбата на технологии на ОИЕ треба да оди во координација со другите конвенционални извори, како термоцентрали и големи хидроцентрали. Ова е важно за да не се доведе во критична функционалност електроенергетскиот систем поради несоодветен однос во енергетскиот микс на технологиите за производство на електрична енергија. Откажувањето од јагленот не може да биде прекуноќ, поради потреба од големи инвестиции, социјалниот аспект и други фактори. ТЕЦ на јаглен во Битола би работеле до 2040 година со сѐ помала интензивност што зависи од снабдувањето со јаглен. Во овој значаен енергетски јазол има голема електроенергетска инфраструктура, човечки стручен кадар, а секако и голем број семејства што егзистираат од РЕК „Битола“. Така што транзицијата од јаглен кон гас или друга алтернатива ќе оди постепено, а обновливите извори на енергија непречено (ќе) се градат – истакна Чаушевски.
„Геополитика“ во својата анализа нагласува дека рускиот претседател во своите планови за иднината на енергетскиот сектор на земјата ги има предвид и плановите за напуштање на јагленот од употреба, но и истакнал дека треба да се внимава при одлуките за потпирање на нестабилни извори на енергија.

– Што се однесува до долгорочните перспективи на глобалниот пазар на јаглен по оваа деценија, знам дека постојат различни предвидувања. Не е тајна дека некои од нив подразбираат значително намалување на пазарот, вклучувајќи и технолошки промени во глобалниот систем за гориво и енергија, активна употреба на алтернативни горива. Исто така знаеме, Тексас остана замрзнат кога беше студено. И ветерниците мораа да се загреваат на начини што не беа многу еколошки – објаснил рускиот лидер, додавајќи дека во секој случај, сите можни сценарија треба внимателно да се разработат за да се обезбеди безбеден развој на руските области за ископ на јаглен, дури и при намалување на глобалната побарувачка за ова гориво. Путин појаснил дека од 2017 година, производството на јаглен во Русија надминало 400 милиони тони годишно, а повеќе од половина се извезува. Главната продажба на руски јаглен се реализира во Азиско-пацифичкиот Регион, каде што минатата година биле продадени 122 милиони тони.

– Во исто време, постои дополнителна побарувачка во Азиско-пацифичкиот Регион што може да биде покриена од руски компании. И важно е да не се пропушти овој момент, флексибилно користење на логистичките можности на нашиот транспортен систем, со намера да се зголеми потенцијалот за извоз на домашната индустрија за јаглен. И тоа, нагласувам, значи нови работни места, зголемување на приходите на луѓето вработени во оваа индустрија и транспортниот систем на Русија – истакнал Путин.
Во анализата исто така се потсетува дека десетина дена во февруари, поради поларниот студ што ги зафати централните и јужните држави на САД, но и поради тоа што електроенергетскиот систем во Тексас не е приспособен на ваквите екстремни зимски услови, половина фарми со ветер запреле со работа, резервоарите и цевководите замрзнале, поради што производството на гас се намалило за една третина, а гувернерот на Тексас бил принуден да забрани извоз на гас за неколку дена. Поради овој пресврт, дури се случило во земјата пет милиони луѓе да останат без електрична енергија, а нејзините цени, како и цените на бензинот достигнаа астрономски износи. Слична беше ситуацијата и во другите сојузни држави на југот и на истокот на земјата.