Настаните на Волстрит станаа толку чудни што „Нетфликс“ најави дека планира да ги овековечи преку телевизиска серија. Но што би била нејзината приказна? Можеби за движењето против естаблишментот кое предизвикува хаос во светот на високите финансии, исто како и во политиката. Друга приказна е како нестабилните ризични акции, онлајн-трговците и недостигот на пари во брокерските фирми сигнализираат дека климавиот финансиски пазар ќе се урне, пишува „Економист“.

Информациската технологија се користи за тргувањето со акции да стане слободно, информациите течат и катализираат нови бизнис-модели, трансформирајќи го начинот на работа на финансиските пазари. А, наспроти галамата во изминатите неколку недели, ваквата состојба ветува дека ќе донесе долгорочни придобивки.

Засега сите се насочени кон осумте милиони следбеници на „Волстритбетс“, инвестицискиот форум на социјалната мрежа Редит, кои осмислија нов вид на финансиски авантуризам наречен „тргување со акции во рој“. Заедно, тие ги покачуваа цените на непознати фирми кон крајот на јануари. А тоа доведе до недостиг на пари кај онлајн-брокерите кои мораат да го покријат залогот, ако ризикот се зголеми.

Големите берзански играчи имаат пракса да се „обложуваат“ дека акциите на одредена компанија ќе паднат, а тие профитираат купувајќи краткорочни акции. Група корисници на Редит неодамна забележале дека еден хеџ-фонд на големо се обложил во пад на акциите на компанијата за видеоигри „Гејмстоп“, па одлучиле да го сторат спротивното. Тие ги убедувале другите корисници на Редит дека треба да се здружат и да купуваат колку е можно повеќе акции на „Гејмстоп“. Тоа довело до раст на цената на акциите на компанијата, а хеџ-фондот почнал да губи милијарди долари. Хеџ-фондот во меѓувреме банкротирал, а милионите мали инвеститори на социјалните мрежи сега бараат други хеџ-фондови на кои би им се спротивставиле, истовремено остварувајќи профит.

„Ројот“ оттогаш продолжи понатаму. Неделава цените на фаворизираните акции забележаа пад, додека цената на среброто скокна. Во меѓувреме, на повеќе финансиски пазари, вообичаените правила на игра беа суспендирани.

Всушност, на овој начин, милиони „мали“ трговци организирани преку социјалните мрежи им го загорчуваат животот на „големите играчи“, потресувајќи ги до телем големите инвеститори и хеџ-фондовите. Акциите на повеќе американски компании кон кои се насочени корисниците на Редит продолжуваат да растат, а берзанските гиганти и натаму трпат огромни загуби. Токму затоа, големите берзански играчи на Волстрит сега се жалат дека ваквиот начин на јавно здружување против нив е нелегален. Но берзанските контролори и институциите засега ги отфрлаат таквите тврдења.

Состојбата не претставува привремен тренд и нарушувањето на финансиските пазари ќе се засили. Ваквата дигитализација во теорија е ветувачка, но финансискиот напредок честопати е хаотичен. Првично иновациите создаваат кризи, а капацитетот на социјалните мрежи за ширење дезинформации е загрижувачки. Затоа, инсајдерската трговија и манипулацијата на правилата исто така треба да бидат модернизирани за да се справат со новиот проток на информации, заклучува „Економист“.