Фото: Игор Бансколиев

Мажите земаат поголеми плати од жените според возраста, стажот и големината на претпријатието, со исклучок на лицата со работен стаж помеѓу 30 и 34 години каде што жените земаат за шест отсто поголема плата

За исто работно место и со исти квалификации, жените во Македонија се помалку платени од мажите, не се доволно вклучени на пазарот на трудот, а зад себе имаат и повеќе прекувремено сработени часови. Тие се за 12 отсто помалку платени, а разликата се зголемува и до 18 отсто кога се земаат предвид образованието, возраста, секторот и занимањето. Порастот на минималната плата и изедначувањето во секторите текстил и кожа, кои вработуваат повеќе жени, се очекува да придонесе за намалување на родовиот јаз во платите. Според истражувањето на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, соодносот на учеството на работоспособното население во однос на мажи и жени е вработени мажи 50,5 отсто, наспроти вработени жени 33,7 отсто.

Додека, пак, невработени мажи се 18,4 отсто, а невработени жени 11,3 отсто, неактивни мажи 31,1 отсто, жени 55,1 отсто. – За работно време од 8 до 16 часот, жените треба да заминат од работа во 15.04 часот за да бидат еднакви со мажите, што е соодветно на јазот во платите од 12 отсто – сметаат од „Фајненс тинк“. Од истражувањето може да се забележи дека најголем родов јаз во плати има на возраст од 40 до 49 години – 16 отсто, па потоа од 30 до 39 години – 12 отсто, од 50 до 59 години – 11 отсто, и од 20 до 29 години – 8 отсто. Најголем родов јаз во плати по работен стаж има од 1 до 4 години – 17 отсто и од 25 до 29 години стаж – 17 отсто, потоа од 35 до 39 години стаж – 16 отсто. А додека, пак, најголем јаз по видот на претпријатијата има во средните – 17 отсто, потоа во големите – 13 отсто и во мали претпријатија – 5 отсто.

– Мажите земаат поголеми плати од жените според возраста, стажот и големината на претпријатието, со исклучок на лицата со работен стаж помеѓу 30 – 34 години каде што жените земаат 6 отсто поголема плата – објаснуваат од „Фајненс тинк“. Оттаму велат дека решенија за намалување на родовиот јаз се зголемување на минималната плата, воведување онлајн-калкулатор на плати во различни индустрии, сектори и професии.

– Потребно е и зголемување на бројот на установи за детска грижа, воведување флексибилно работно време, воведување право за скратено работно време на родител на новородено дете. Треба и да се развиваат вештините кај жените, да се субвенционира отворање претпријатија и да се зголеми нивното учество во стручното образование. Потребна е и национална кампања за зголемување на свеста кај граѓаните за намалување на негативните последици од родовиот јаз во платите – нагласуваат од институтот. И на крајот, како мерка што треба да се преземе, додаваат, е спроведување годишен извештај за родовиот јаз во платите.

– Жените во Македонија во просек заработуваат 12 отсто пониска плата од мажите, овој јаз се зголемува и до 28 отсто кај лицата само со основно образование или без образование. Kога овој јаз ќе се коригира за карактеристиките на личноста, првенствено образованието, тој се зголемува на 18 отсто, што укажува дека вработените жени имаат подобри карактеристики, повисоко образование од мажите во Македонија – истакна неодамна директорката на „Фајненс тинк“, Благица Петреска.

Таа вели дека некои од мерките треба да бидат насочени токму кон поттикнување на активноста на жените на пазарот на трудот, надминување на стереотипите за машка и женска професија, а важна е и поддршката од семејството и од партнерот. – Кога жената поактивно би се вклучила на пазарот на трудот, можеби би имале поширок избор на понуда на пазарот. Жените не се со полоши карактеристики од мажите и не седат дома затоа што не се образовани или немаат добри карактеристики, туку напротив, резултатите пoкажуваат дека се пообразовани, но поради одредени причини останеле неактивни – објаснува Петрески.

Професорката на институтот за менаџмент БАС и генерална менаџерка на една од компаниите на австриската групација „Новоматик“ во Македонија, Емилија Стевановска, истакна дека според стекнатиот степен на образование, жените се повеќебројни, а сепак нивната невработеност е повисока. Неформално владеат стереотипи при вработувањето и поделба на машки и на женски професии, жените потешко добиваат високи раководни функции, а кога ќе ги добијат нивните плати се драстично пониски од оние кај мажите.

Борбата со стереотипите воопшто не е лесна, смета претседателот на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров. – Можеби самото постоење на квотите наместо да ја заштитат жената тие на еден начин ја потврдуваат нивната инфериорност во однос на мажот. Истото тоа се случува и со разните заштити или забрани за дискриминација. Вметнување на заштитата во некој закон автоматски асоцира дека нешто е послабо и поранливо, па мора да се заштити – вели Димитров.

Тој додава дека нормално е да се заштити жената во периодот на бременоста, но да се забрани таа да работи ноќе не претставува заштита, туку потврда дека таа е послаба и не може да завршува работи во трета смена. – Затоа во иднина треба да се размисли како да се оствари заштита на жената, но тоа да не придонесува за потврдување на стереотипот за нивната инфериорност во однос на мажите – вели Димитров. 

Визуализација на „Фајненс тинк“