Новиот закон за градба ќе донесе и нови правила Фото: Игор Бансколиев

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе инсистира со новиот закон за градба, кој се подготвува, при издавање одобрение за градба инвеститорите да се обврзат дека зградата што ја градат ќе ја приклучат на организиран систем на топлинска енергија таму каде што има таков систем.

Според претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, тоа е во насока на оптимизирање на потрошувачката на струја, но и од аспект на загадувањето, затоа што топланите во Скопје користат природен гас и од нив има најмало загадување.
– Како РКЕ, при носењето на новиот закон за градба ќе инсистираме при издавање одобрение за градење точно да биде наведен и начинот на греење што ќе биде во самиот објект, за да немаме случаи со згради што се наоѓаат покрај топланите во Скопје да не се приклучуваат на топлинска енергија, затоа што наводно ќе се грееле на струја. Тоа е апсолутно нелогично решение и, како РКЕ, со нашите надлежности ќе се спротивставиме на тоа, имајќи предвид дека овој тип издавање одобрение за градба е веќе дефиниран во земјите на Европската Унија – објасни Бислимовски.