Фото: Маја Јаневска-Илиева

Проблемот со недоволното количество вода во базените се одрази и врз зголемената смртност на рибите, која вообичаено изнесува еден процент, но во критичниот период смртноста на рибите во рибниците се зголемила на 3-4 проценти

Незапамтената суша што во изминатите месеци беше присутна во земјава, за рибниците на реката Треска беше најкритичниот период од почетокот со работа пред повеќе од четири децении. Штедроста на изворот на некогаш полноводната Треска едвај достигнува 200 литри вода во секунда, што е далеку од неопходното количество за нормално егзистирање на рибниците со најголем капацитет во земјава, како и на целиот биодиверзитет на реката Треска.

– Проблемите што во нашите рибници ги предизвика долготрајната суша, без врнежи од дожд, едвај ги преживеавме и, ако продолжеше таа елементарна непогода и понатаму, ќе беше доведен во прашање и опстанокот на самите рибници. Ние цели три месеци се соочувавме со најмала штедрост на изворот на Треска што е забележан, што директно се рефлектира врз нашето работење. Наместо да ги потрошиме планираните количества храна за прираст на рибата, ние непланирано бевме принудени да трошиме многу повеќе струја и кислород, што дополнително го обремени нашето работење. Во истиот период само по основа на зголемена потрошувачка на струја плативме дополнителни пет илјади евра – вели Душко Радески, менаџер на рибниците на Треска и на Беличка Река-Бродско.

Со истите проблеми се соочуваат и во рибникот во Белица Бродско, а сопственикот посочува дека и таму има голем недостиг од вода, но благодарение на конфигурацијата на коритото на реката и каменестото тло, водата била побогата со кислород и затоа не била потребна аерација.

– Проблемот со недоволното количество вода во базените се одрази и врз зголемената смртност на рибите, која вообичаено изнесува еден процент, но во овој период смртноста на рибите во нашите рибници се зголеми на 3-4 проценти – додава Радески и потсетува дека од последната декада на минатиот месец состојбата е подобрена поради врнежите од дожд.

Во моментов штедроста на Треска е зголемена и изнесува околу 1.000 литри вода во секунда, но Радески нагласува дека ако нема врнежи од снег зимава и повеќе дожд во наредниот период, следната сезона можат да се соочат со уште поголеми проблеми од овие досега. Инаку, поради недоволните количества на вода во изминатиот период, намалени беа и количествата на риба во базените за да не дојде до уште поголемо угинување, како на консумната риба така и на подмладокот.