Нашите искуства кажуваат дека ефектите од падот на производството во Европа не се пресликуваат веднаш на нашата економија, туку тоа се афтершокови што се регистрираат по 6 до 12 месеци, велат упатените

Нова светска економска криза е на самиот праг, а во последниве денови акцент се става на сѐ поизвесната криза во автомобилската индустрија, така што експертите предупредуваат дека очекуваното значително намалување на производството на автомобили во светот ќе резултира со намалување на бројот на работници. Со оглед на фактот дека еден од најголемите трговски партнери на Македонија е Германија и дека повеќе компании во земјава работат за светски автомобилски компании, неизбежно се поставува прашањето како би се одразила таа криза и врз земјава.

– Реалноста кажува дека во 2019 година ќе се произведат 4,3 милиони патнички возила помалку во споредба со претходната година. Најголем пад се очекува на пазарите во Кина, Европа и во САД, а според прогнозите, првото закрепнување во овој сектор се очекува најрано во 2022 година. Од гледна точка на нашите активности, заради палетата на технолошки напредни компоненти што се произведуваат во „Костал Македонија“, ќе продолжиме со нашиот производствен план за оваа година без некакви поголеми промени во нарачките од странските партнери и со самото тоа глобалното забавување ќе биде амортизирано и нема да се одрази на нашето работење – вели Виктор Мизо, генерален менаџер на „Костал“ и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Тој посочува дека што се однесува до автомобилската индустрија во земјава, треба будно да се следат условите на глобален план.
– Нашите искуства кажуваат дека ефектите од падот на производството во Европа не се пресликуваат веднаш на нашата економија, туку тоа се афтершокови што се регистрираат по 6 до 12 месеци – додава Мизо.

Мизо посочува дека веќе се најавени скратено работно време и масовни отпуштања на работници кај европските гиганти како „Континентал“, „Бе-ем-ве“, „Бош“, „Фолксваген“ и други. Додава дека, според него, локалните доставувачи во земјава, кои произведуваат технолошки напредни компоненти и делови за странски партнери, ќе бидат помалку погодени од последиците од падот во автомобилската индустрија.
Од друга страна, Зоран Јовановски, главен советник на управниот одбор на Стопанската комора на Македонија, појаснува дека доколку навистина се случи глобална рецесија во 2020 година таа ќе произведе значителни импликации.

– Индустриското производство во земјава што е поврзано со автомобилската индустрија игра значајна улога за македонската економија. Извозот на машини и транспортна опрема од земјава, што е нешто поширок опфат од автомобилската индустрија, на крајот од 2018 година е повисок за 1,7 милијарда евра во однос на 2010 година. На прв поглед, логиката е едноставна. Ако поради лошите глобални економски околности се очекува дека ќе се намали глобалната побарувачка, ќе се произведуваат помалку автомобили, а со тоа ќе се намали и производството на седишта или навлаки за седишта, што ги произведува компанија во Македонија. Но работите не се толку едноставни! На подолг рок, можно е македонската економија да профитира, поради можноста во Македонија да се префрли дел од производството од земјите од Средна и Источна Европа поради пониските трошоци – истакнува Јовановски.

Јовановски додава дека ова е покомплициран процес и никој не знае колку време би било потребно за завршување на целиот циклус. Засега тој не очекува да има отпуштања бидејќи и сега е тешко да се најдат работници, а и во постојните е вложено за да се доведат до потребното ниво на вештини.

– На локалните автомобилски доставувачи континуирано се обидувам да им пренесам еден преглед за тоа што може да очекуваат оваа и идната година, имајќи ги предвид неизбежните знаци на надолни трендови во обемот на автомобилското производство. Преструктурирањето во правец на нови технологии е задолжително. Поефикасното работење е клучно за справување со притисокот на кој ќе бидат изложени за да ги намалат трошоците. Исто така, предизвик е и да се одржат лојалноста и продуктивноста на работната сила кон компаниите и тоа во период кога миграцијата кон Западна Европа се засилува – пишува во својот коментар за СКМ, Аврам Стојчевски, директор на „Ван Хол Македонија“.

Директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс, посочува дека во Германија веќе се чувствува рецесијата и одредени компании отпуштаат работници.

– Притисокот за намалување на трошоците на компаниите расте. Високите трошоци за плати, договорени меѓу синдикатите не се погодни за компаниите. Како ќе се развива сѐ, од оваа перспектива не можеме да кажеме. Рецесијата ќе ја погоди автомобилската индустрија на глобално ниво. Производителите што прават конкретни делови за автомобилска индустрија, може да очекуваат дека ќе треба да ги намалат испораките. Но она што засега е сигурно е дека тие имаат и долгорочно испланирани нарачки, уште пред да настане глобалната криза, кои им се потврдени. Македонија не се наоѓа во опасност од глобалната криза на автомобилската индустрија бидејќи сè уште е атрактивна како локација за инвеститорите во однос на тоа колку чини производството – објаснува Мартенс.