Да се искористи поволниот политички момент, да продолжат реформите во администрацијата, да се подобрат стандардите и конкурентноста на компаниите, државата да го помогне порастот на индустријата се некои од пораките од регионалната конференција „Националната економија во пресрет на ЕУ – предизвици и искуства“, која се одржа вчера во организација на Сојузот на ротари-клубови во државава.
На конференцијата се дебатира за искуствата на државите во регионот и предизвиците со кои се соочиле нивните економии во пресрет и по влезот во ЕУ, потенцијалот за пораст и ризиците на домашната економија, како и за енергетиката како стратегиски економски сектор.

– Нашите компании имаат можност да ги пласираат своите производи и услуги на европскиот пазар со 500 милиони потрошувачи. Затоа треба да постојат свесност и подготвеност за сите предизвици што нѐ очекуваат и да работиме на подобрување на стандардите и конкурентноста. Владата е тука да го промени тој процес преку низа мерки за поддршка и развој на конкурентноста со планот за економски пораст – рече премиерот Зоран Заев.

Тој истакна дека се спроведуваат реформи за адаптирање на економијата и оти слаба алка е јавната администрација, која треба да биде поефикасна и попрофесионална.
Според претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, проблемот со состојбите во економијата не може да се адресира само кај еден сектор, како јавната администрација. Главна задача во развојот на економијата, оцени тој, треба да биде индустријата, чие сегашно учество од 11,9 проценти во БДП не може да даде повисоки стапки на развој.

– Од 2001 до 2017 година имаме просечна стапка на развој од 2,7 проценти на БДП по жител, многу пониско и од Албанија, каде што е 4 проценти, и од Бугарија, каде што е 3,7 проценти. Не сме успеале со реформите. Индустријата е уништена. Учеството на индустријата од 11, 8 проценти во БДП не може да даде повисоки стапки на развој – оцени Димитров.

Владиниот план за економски пораст, смета тој, е знак дека државата има добра намера да работи во вистински насоки, зашто единствен начин да се подобри ефикасноста на нашите компании е да инвестираме во нови технологии и знаења.

– Не сме способни сами да генерираме такви технологии и знаења и можеби тука се направи грешка, со тоа што се даде големо учество на иновации, иако Владата вели дека тоа не е само за иновации туку и за технолошки развој, каде што се добиваа одредени грантови за кои потоа се виде дека има одредени сомнителни работи, додека за целата друга индустрија субвенциите од државата се сведоа на 10 проценти – изјави Димитров. Е.Р.